Компанијата оне.Вип денеска информира дека ја лоцирале грешката за неодамнешните објави дека се зголемиле цените на нивните услуги.
Информацијата ја пренесуваме во целост.
„оне.Вип ја информира јавноста дека откако ја доби методологијата на АЕК за пресметката на просечна цена на мобилни услуги, а во врска со неодамнешната објава за наводен раст на цените, оне.Вип изврши детална интерна анализа на извештаите доставени до АЕК со цел да се лоцираат можните причини за таквиот погрешен заклучок. При тоа беа лоцирани два специфични ненамерни пропусти кои придонеле во значителна мерка во создавање на нереалната слика за раст на цените. Имено, идентификувавме дека од наша страна во извештаите биле прикажани повисоки приходи од реално реализираните во мобилниот сегмент, како резултат на интеграцијата на комплексни системи кои се користат за генерирање на извештаи и неусогласеноста на дефинициите за пресметка на приходите во мобилниот сегмент. Истото се однесува во делот на поделба на приходите од месечна претплата на пакетираните услуги во мобилниот и фиксниот сегмент, како и прикажување на приходите од фиксни ГСМ услуги во мобилниот сегмент (согласно интерната политика за репортирање), додека според стандардите за репортирање на АЕК треба да бидат прикажани во фиксниот сегмент. Втората грешка беше идентификувана во прикажување на обемот на сообраќај, каде што се прикажани помал број на минути бидејќи по спојувањето, поранешниот “сообраќај кон други мрежи” помеѓу Вип оператор и ОНЕ беше само изваден од извештаите и не беше додаден во категоријата “сообраќај во сопствена мрежа” како што требаше да биде по спојувањето.
Сметаме дека прикажаните приходи кои биле повисоки од реално реализираните во мобилниот сегмент, како и помалиот сообраќај во значителна мера влијаеле врз пресметките и заклучоците од страна на АЕК. Би сакале да истакнеме дека нема грешки во методологијата на пресметки на АЕК и искрено жалиме што нашите пропусти во извештаите значајно влијаеја врз АЕК во носењето на погрешни заклучоци. По завршувањето на сите потребни корекции и потврдата на податоците, доставивме ажурирани извештаи и извинување до АЕК за направените пропусти. Цврсто стоиме зад најновите ажурирани квартални извештаи кои ги доставивме до АЕК и се нудиме со целиот наш капацитет и транспарентност да и асистираме на АЕК во процесот на верификација на новите извештаи.
Во оваа прилика би сакале да и се извиниме не само на АЕК, туку и на јавноста, бидејќи сметаме дека нашите пропусти во доставените извештаи придонесоа во извесна мера да се создаде негативна слика и коментари во пошироката јавност. Би сакале да нагласиме дека нашите финансиски извештаи генерирани на ниво на цела компанија не се предмет на корекција и остануваат како што се.
Во име на транспарентноста и реалното информирање на јавноста, би сакале накратко да информираме дека оне.Вип се соочува со тренд на намалување на приходите на малопродажниот пазар на мобилни комуникациски услуги во однос на приходите од мобилни услуги на ОНЕ и Вип оператор пред да се случи спојувањето. Ова соодветно се рефлектира во намалување на просечната цена на минута разговор во оне.Вип во четвртиот квартал на 2015 година од 0.2% во однос на претходниот квартал. Истиот тренд е евидентен и во првиот квартал на 2016 година каде што просечната цена за минута разговор во оне.Вип е пониска за 0.5% во однос на кварталот пред спојувањето.
Ја уверуваме јавноста дека нема покачување на малопродажните цени на тарифите во Вип брендот, тарифните модели кои беа достапни за корисниците и пред спојувањето на компаниите се достапни и понатаму, воедно компанијата воведе неодамна нови тарифни планови под Вип брендот кои имаат уште повеќе минути и поголеми интернет пакети по најдобри цени на пазарот. Со комерцијалната интеграција на брендовите нема промени во договорите склучени досега. Корисниците продолжуваат да ги користат услугите под истите услови под кои ги имаат склучено своите договори, со истите цени согласно избраниот тарифен модел, со уште повеќе бенефиции и сите бесплатни минути за разговор можат да ги користат сега кон најголемата мобилна заедница во Република Македонија.