КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА: Ќе ја помогнеме домашната економија и државата со тоа што дивидендата ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари

0
102

Има ли Народната банка механизми да ги натера банките да ги слушаат нејзините препораки во однос на надминување на кризата со корона вирусот е прашање кое заслужува внимание откако две домашни банки спротивно на укажувањата на централната банка решија да исплатат дивиденда наместо парите од ланската добивка да ги искористат за зголемување на капиталот.

Комерцијална банка и ТТК банка со образложение дека располагаат со доволно капитал и дека со исплатата на дивидендата ќе им дадат поддршка на акционерите во услови на криза решија да не го почитуваат укажувањето на Народната банка.

„За разлика од сите поголеми банки во државата, кои се доминантно во странска сопственост, Комерцијална банка АД Скопје е речиси целосно во сопственост на домашни акционери. Со состојба на 29.02.2020 година, 96,42 отсто се домашни акционери и само 3,58 отсто се акционери од странство. Тоа значи и дека скоро целиот износ на предвидената дивиденда, односно 96,42 отсто, ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица, за разлика од другите поголеми банки, каде вообичаено исплатената дивиденда се трансферира во странство. Во случајот на Комерцијална банка, според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари, на 344 домашни правни лица во износ од 679 милиони денари и ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 57, 4 милиони денари. Тоа значи дека со исплата на дивидендата ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата, што сметаме дека е особено важно во овој период кога и стопанството и населението се соочуваат со проблеми“, соопшти Комерцијална банка.

Сличен став имаат и од ТТК Банка, од каде што велат дека банката е речиси  целосно во сопственост на домашни акционери.

„Со состојба на 29.2.2020 година, 99,3 % се домашни акционери и само 0,7 % се странски акционери. Речиси целиот износ на предвидената дивиденда ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица. Според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 1.813 домашни физички лица во нето износ од 33,8 милиони денари, на 131 домашни правни лица во износ од 61,6 милиони денари и ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 3,8 милиони денари. Во согласност со ова, ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата“, соопшти банката.

На прашањето на „Мета.мк“, како Народната банка ги коментира овие постапки и дали има механизми да ги натера банките да ги слушаат нејзините препораки, оттаму велат дека се во интензивна комуникација со банките во врска со предизвиците со кои сите се соочуваме во справувањето со потенцијалните негативни последици од Ковид-19.

„Сите активности, мерки и препораки кои се комуницираат со банките се во насока на натамошно зголемување на нивната подготвеност за соодветен одговор на можните предизвици во натамошниот период.Во услови на неизвесно макроекономско и финансиско окружување се очекува банките да имаат соодветна капитална и финансиска база не само на ниво на минималните барања согласно со регулативата, туку и градење задоволителен простор над нив“, велат од Народната банка.

Оттаму доаваат дека банкарскиот систем е солидно капитализиран со стапка на адекватност на капиталот од околу 17 отсто или двојно повисоко од законски пропишаниот минимум од 8 отсто.

„Токму акумулираното високо ниво на капитални додатоци над законскиот минимум од 8 отсто е еден од главните фактори за сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор. Притоа, токму овие капитални додатоци се особено значајни во услови на кризни епизоди, кога може да се искористат за справување со предизвици од различна природа и интензитет. Спроведеното тестирање на отпорноста на банкарскиот систем и на македонските банки на симулирани шокови упатува на подобрена отпорност на банките во 2019 година, споредено со 2018 година“, велат од Народната банка.

Извор : Мета