КОМЕДИЈА ДЕЛ АРТЕ НА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ЗА БОНЕВА И ПАТАРИНИТЕ : УДАР ВО ЗАЈАК И КУЧЕ, ИСЕЧЕНИ ГУМИ, ОБИДИ ДА ЈА ИСТУРКААТ ОД ПАТОТ : 9-ТЕ СООБРАЌАЈНИ НА БОНЕВА

0
1427

Вчера се изведуваа доказите на Обвинителството, помеѓу кои имаше 53 фактури, сите платени од моја страна од еден овластен сервис каде го поправав автомобилот во Скопје, кои го потврдија моето континуирано патување, поправките и сервисирањата на возилото, вклучувајќи ги и поправките по деветте сообраќајки кои ги доживеав во периодот од 2011 до 2015 година – вели поранешната пратеничка Силвана Бонева, која тврди дека е апсурдно СЈО да ја обвинува дека не патувала и ги измамила службите, бидејќи наводно била сместена во стан во Скопје.

Околу информацијата дека имала дури девет сообраќајни незгоди во рок од четири години, која предизвика низа на прашања во јавноста околу тоа како се случиле, и кој го управувал возилото во време кога се случувале сообраќајките, за ,,Фокус” таа ја појаснува целата хронологија на настани.

Вели дека два автомобили завршиле на отпад бидејќи биле целосно уништени, се случило друго возило да ја брка и да ја турка од патот, лонецот во ауспухот и бил наполнет со прамени од перика, гумите и биле засечени во облик на крст, и откажал воланот… Некогаш таа управувала со возилото, а некогаш нејзиниот сопруг, речиси секојдневно, на релација Струмица – Скопје – Струмица.

-Континуирано додека бев пратеник имаше атаци врз мојот живот и мојата безбедност. Имав три големи сообраќајки и повеќе помали сообраќајки, од кои два автомобила беа фрлени.

Првата голема сообраќајка се случи на влез на Скопје кога доаѓав на работа, возеше сопругот, кога во нас со огромна брзина се заби друга кола. Шасијата на колата целосно беше извиена и каросеријата сплескана. Колата целосно беше уништена. Јас се здобов со повреди на вратот, р’бетот и телото.

Од известувањето на Обвинителството дознав дека сторителот не одговарал за тоа, бидејќи делото застарело.

На втората голема сообраќајка јас возев, на прав пат ми откажа воланот на нова штотуку сервисирана кола. Не се утврди причината зошто откажа воланот. Колата беше целосно уништена, а јас пак имав повреди на вратот и р’бетот.

На третата голема сообраќајка јас возев кога од споредна уличка во мене се заби со голема брзина комбе. Имаше огромна штета врз возилото. Јас пак имав повреди на градите и дисторзија на пршлените на р’бетот – појаснува Бонева, додавајќи дека според закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, записниците од полицијата може да се земат, и јавноста може да има увид во нивната содржина.

Вели дека освен сообраќајките, се случиле и голем број на атаци врз нејзиното возило.

-Јас возев кога биле засечени гумите на крст до бандажот и испукаа при возење.

Бев бркана и буткана од патот од друга кола, ме спаси оградата на патот.

Беше наполнет задниот и средниот лонец на ауспухот со коса од перика, да не излегуват издувните гасови.

Јас возев кога со колата удрив во банкина оставена на сред коловоз во кривина.

Сопругот возеше кога имавме на автопат удар во зајак, удар во куче и кога имаше фрлено дрво на патот.

Некој континуирано правеше секакви атаци врз мојата кола со цел да го загрози мојот живот. На пример, ново црево за глицеринот на кочниците беше дупнато со големина на врв од игла. За среќа кочниците откажаа во Лакавица при помала брзина. Беше засечен кабелот на сензорот за кочниците, па блокираше десното тркало, за среќа при помала брзина и без поголеми штети – раскажува Бонева.

Вели дека е голем бројот на атаци врз возилото кои не биле животозагрозувачки, бидејќи на време биле забележани. Гумите и биле дупнати, скршено огледало и брисачи, скршено задно стакло и друго.

-Штетите врз возилата од големите сообраќајки беа исплатени според проценка на осигурителните компании. Немам добиено никакво друго обесштетување, ниту пак некој одговарал за тоа што ми го сторил – ни изјави Бонева, додавајќи дека обвинувањата кон неа се апсурдни и сака јавноста да ја дознае вистината.