Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува дека со имплементацијата на проектот „Сејф сити“ повеќе ќе нема кинење казни за сообраќајни прекршоци од страна на полициски службеници.
„Една од причините зошто толку многу сакам овој проект да се затвори е токму тоа, да не се кинат казни, иако тоа не е примарна причина. Примарна причина ми е бројот на жртви од изминатиот период, а кои се последица на сообраќајни незгоди. Страшни се бројките. Првата и основна причина зошто мораме да го имплементираме ‘Сејф сити’ се овие жртви што во најголем дел се млади луѓе“, рече Тошковски денеска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која даде отчет за сработеното во изминатите 100 дена откако е на чело на институцијата.
Според него, освен безбедноста, една од придобивките од „Сејф сити“ е и тоа што прекршителот ќе нема повеќе на кому да му се јави затоа што, како што рече, од другата страна ќе биде компјутер.
„Системот ќе се имплементира така што ќе нема на кого да се јавите. Целиот процес треба да биде дигитализиран и да не зависи од човечки фактор“,рече тој.
Тошковски кажа дека камерите работат и дека во тестиран период биле фатени многу возачи со брзина 30 од километри на час над дозволената.
„За 24 часа, со пречекорена брзина над 30 од дозволеното, се констатирани 2 000 сообраќајни прекршоци од 20 отсто од камерите. Ако пуштиме 100 отсто камери, претпоставката е дека за 24 часа ќе имаме 20 илјади прекршоци. Кој ќе ги процесира тие“,рече министерот.
Според него, до крајот на оваа година проектот сигурно нема да профункционира, но се надева дека заклучно со 2025 година ќе го има во Тетово, Скопје и Куманово.
Тошковски најави дека во Министерството веќе формирале работна група што ќе работи на имплементација само на овој проект.
„Разговаравме со министерот за правда во делот на сите оние законски прописи што треба да се сменат. Заедно со него ќе седнеме да ги утврдиме точните подзаконски акти согласно европската пракса за да дадат најдобар резултат со имплементација на овој проект. Овде треба да имаме констатирање прекршок преку камерите, изработување платен налог или мандатна казна, зависно како ќе ја крстиме, па потоа да се затвори прашањето што ќе се фотографира, дали возилото, субјектот. Претходно ништо од ова не е разговарано како ќе биде“,рече Тошковски.
Тој додаде дека ќе треба да се утврди и налогот на кој начин ќе биде доставен до прекршителот, дали тоа ќе биде со препорачана пошта, со порака на телефон, на електронска адреса, на апликација што ќе биде создадена специјално за прекршоците или на сите начини.
Исто така, Тошковски рече дека ќе треба да се одлучи и како ќе се наплаќаат казните.
„Сето тоа на крајот ќе заврши во суд, а притоа судиите во разговорите ми велат дека имаат многу судења дневно и кога ќе ги процесираат тие предмети“,додаде тој.