КОВАЧКИ СО РЕАКЦИЈА ДО МУСЛИУ : ДОБРО Е ШТО МУСЛИУ ПРИЗНА ДЕКА НЕГОВАТА СОПРУГА ДОБИЛА ГРАНТ ОД 620 000 ЕВРА ДОДЕКА Е ТОЈ ДИРЕКТОР

0
543

За да го добие грантот, Конзорциумот на невладини од кои е дел и неговата сопруга (н.з Еролд Муслиу), морало да се потпише меморандум за чие потпишување налогот дошол од Владата, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во новата реакција

Ковачки вели дека добро е што по неговата јавна прозивка, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу признал дека неговата сопруга добила грант во износ од 620 000 евра додека тој е на функционерско место и вели дека тоа што тој се брани и меша етнички карактер само покажува дека тој нема никаков друг аргумент па мора да игра на оваа карта.

  • „Многу пати сум кажал и пак ќе кажам. Криминалот нема етничка линија, во Македонија криминалците од власта на СДС и ДУИ нанесуваат подеднакво штета и на Македонците и на Албанците и на сите други, а за тоа колку лојални граѓани се директорот Муслиу и неговата сопруга, ќе има време истото да го докажува многу брзо. Спокојно“, напиша Ковачки на Фејсбук.

Оваа реакција на Ковачки доаѓа откако директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу побара јавно извинување од него по денешните наводи дека неговата сопруга со четири невладини организации формирала Конзорциум на невладини и добила грант од 620 000 евра од странски донатор од областа на безбедноста. Ковачки обвини дека две од овие невладини се под контрола на сопругите на Муслиу и на вицепремиерот во Владата, Фатмир Битиќи.

Муслиу во барањето за извинување до Ковачки, напиша дека категорично ги отфрла наводите на пратеникот дека тој се меша и влијае врз Владата на С Македонија за работи поврзани со невладиниот сектор во земјава, каде што работи и неговата сопруга. Тој кажа дека на овој начин му се нанесува огромна штета нему, но и на неговата сопруга која 23 години работи во невладиниот сектор и вели дека овој напад е наменски и оркестриран за да ѝ се наштети во активностите што таа ги извршува, а кои имаат благородна намена.
  • „Забележувам дека подолг период јас како директор на Агенцијата за разузнавање, но и мојата сопруга и нејзината работа во невладиниот сектор сме објект на напад преку изнесување неточни и лажни информации пласирани на начин да звучат како скандал кој се изнесува од страна на партиски субјекти, лажни профили на социјалните медиуми, како и на еден телевизиски медиум“, вели Муслиу.