КОВАЧЕВСКИ : ТРИЕСЕТГОДИШНАТА ПОДДРШКА НА СВЕТСКА БАНКА ПОСТАВИ СОЛИДНИ ПАТЕКИ ЗА ПОБРЗ ЕКОНОМСКИ РАСТ И РАЗВОЈ СО ШТО СЕ ОЛЕСНУВА НАШИОТ ПАТ КОН ЕУ

0
258

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставувањето на соработка и партнерство меѓу Светска банка и Република Северна Македонија.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
„Почитуван декан на Економскиот факултет во Скопје, професор Трпески,

Најпрво благодарам што на едно место успеавте да ги соберете сите или најголемиот дел на најзначајните економисти во државата, заедно со Светска банка и на ваков начин да го прославиме 30 годишниот јубилеј од соработката меѓу Северна Македонија и Светска банка и голема благодарност до Економскиот факултет.

Почитуванa потпретседателке на Светска банка, Антонела Басани,
Почитувана директорке Шаочин Ју,
Почитуван директор, Масимилиано Паолучи,
Почитувани министри,
Почитувани академици,
универзитетски професори, претставници на Светска банка,

Почитуван Дејан Николовски, раководител на Секторот за јавен долг и меѓународни финансии во Министерството за финансии, кој секојдневно соработува и со Светска банка и со ММФ и од когошто зависи динамиката на спроведувањето на сите овие активности заедно со неговите колеги.

Денеска сме овде, заеднички да го одбележиме триесетгодишниот јубилеј на успешна соработка и партнерство помеѓу Република Северна Македонија и една од најголемите финансиски институции во светот, Светска банка.

На мое огромно задоволство денеска, ќе ги споделиме тука, заедно со вас, дел од плодовите од таа долгогодишна соработка, со чија помош успеавме да унапредиме многу области во нашето општество и да го подобриме квалитетот на живот за нашите граѓани.

Ова заедничко пријателство, во кое учествуваат државните институции, кои се во рамки на Владата меѓутоа и Народната банка претставува исклучително важна соработка пред сѐ за нашите граѓани  не само поради финансиската поддршка која ја добиваме од Светска банка, туку особено поради трансферот на знаење и експертиза, кои несомнено нѐ водат кон остварување на нашите стратешки цели и вредности.

Триесет години Светска банка е стратешки партнер на Северна Македонија и го поддржува развојот и напредокот на нашата држава преку реализирани инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари во различни области, кои секако директно влијаат врз подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и економијата.

Тековното портфолио кое што Светска банка го има во Северна Македонија е вредно  над 400 милиони евра, проекти од кои дел веќе се во фаза на реализација, а кои што се во делот на инфраструктурата, зајакнување на конкуренцијата, енергетиката и други области.

Нашето долгогодишно партнерство со Банката се рефлектира преку реализација на бројни проекти во делот на патната инфраструктура, изградба на градинки и училишта, развој на патиштата, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, поврзување на локални патишта, модернизација на земјоделството, унапредување на социјалните услуги, унапредување на основното образование, практично во сите области на нашето живеење.

Светска банка беше наш најголем партнер во одредувањето на политиките и мерките кои се преземаа како дел од напорите на Владата за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19, кога помошта беше повеќе од добредојдена и потребна. Банката нѐ поддржа и финансиски преку итен проект и преку знаење во моделирање на мерките преку кои ги заштитивме ранливите групи на граѓани и компании.

Тие експресно ги доделија финансиските средства на нашата држава меѓутоа за жал заради блокадите кои што ги имавме во Собранието од оние кои што ни кола не треба да се купи, кредитот каснеше меѓутоа на крајот сепак финансиските средства од Светска банка стигнаа и беа наменети за оние на кои најмногу им беа потребни.
Истата пракса продолжи и во периодот кога се соочивме и со енергетската криза, кога заеднички со Светска банка работевме во моделирање на одредени мерки кои ги носеше и имплементираше Владата.

Во оваа прилика ќе набројам само некои од заедничките проекти, иако листата е многу долга.

– 50 милиони евра за изградба на Новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје со којашто силно го унапредуваме земјоделскиот сектор и отвораме нови работни места.

– ја модернизиравме и продолжуваме да ја модернизираме нашата патна инфраструктура.

– Во рамките на Проектот за локални патишта, обезбедени се 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава.

– Додека, со имплементација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, се предвиде олеснување на процедурите и намалување на трошоците за увоз и извоз во земјите од регионот.
– градиме и градинки, решаваме децениски проблеми на граѓаните насекаде во државата. Како никогаш досега, оваа Влада инвестираше најмногу средства во отворање на установи за предучилишно образование. Од почетокот на мандатот на Владата, отворивме вкупно 83 објекти за предучилишно образование.

Неодамна, бевме во посета на најголемата изградена установа за ран детски развој во државата, Јавната установа – детска градинка „Виножито’’ во Струмица. Каде што во само еден објект се сместени 300 деца. Оваа градинка е изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика кој го реализираме во соработка со Светска банка, за периодот октомври 2018 година се до јуни 2024 година.

Проектот предвидува проширување и подобрување на пристапот до социјалните услуги и нивниот квалитет, вклучувајќи ги услугите на установите за згрижување и воспитание на деца и оние наменети за ранливите категории на граѓани. Овој проект е и во насока на остварување на крајните цели на Владата за ублажување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал преку зајакнување на целокупниот систем за испорака на социјална заштита.
Поддршката од Светска банка продолжува и преку новиот деветти пакет на антикризни мерки, каде се предвидени поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра.

Воедно, обезбедени се 5 милиони евра за Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, со цел финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, мерка која треба да обезбеди намалена потрошувачка на електрична енергија за јавниот и приватниот сектор.

Ме радува фактот што со новата Рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка за периодот 2024-2028 значително ќе се зголеми финансиската поддршка за нашата држава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната.

Тука сакам да се заблагодарам и на нашата претставничка, моја поранешна советничка д-р Нина Фити во Светска банка која заедно со потпретседателката Басани и други колеги во Вашингтон деноноќно работат на реализацијата на оваа финансиска поддршка и проекти за нашата држава.
Главен фокус во финансирањето на проектите ќе биде во делот на инфраструктурното финансирање, зајакнување на енергетските капацитети, заштита на животната околина, човечкиот капитал, како и подобрување на конкурентското опкружување за компаниите во државата.

Во оваа Рамка се вклучени приоритетите на Владата претставени во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, којашто ги содржи и клучните реформи, усвоени со Европската Унија, а на која најдиректно работеа вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Бесими заедно со министерката за труд и социјална политика.

Во оваа прилика сакам да потенцирам дека триесетгодишната поддршка на Светска банка поставува солидни патеки за имплементација на реформи кои водат кон постигнување побрз економски раст и развој, со што се олеснува нашиот пат кон исполнување на нашата зацртана цел, а тоа е приклучувањето во ЕУ.
Ви благодарам за довербата со која го градевме нашето партнерство низ годините, што се надевам и очекувам да трае уште долги години, а голема благодарност и на моите колеги во Владата со кои заедно обезбедивме успешно да се креираат и реализираат клучните проекти од големо значење за граѓаните.

Да продолжиме и натаму да градиме успешна соработка и успешни проекти!
На крај, јас и потпретседателката Басани имаме покрај голема соработка и едно спортско ривалство, навиваме за два различни фудбалски клуба, нема да ги откријам кои се и нема да откријам како ги бодриме и поздравуваме нашите клубови, меѓутоа во тој стил, во јазикот на г-ѓа Басани ќе завршам – Форца Македонија, форца Банка Банка Мундијали“.