КОВАЧЕВСКИ ТВРДИ ДЕКА ЌЕ ИМА ПАРНО : АКО НЕМА ПРИРОДЕН ГАС, АЛТЕРНАТИВА Е ДИЗЕЛОТ

0
486

АД ЕСМ очекува во текот на утрешниот ден да стигнат повеќе понуди за набавка на природен гас, меѓу кои треба да биде и понудата од компанијата „Пегео“, чии контакти ги достави опозицијата.

Како што соопшти денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, се побаруваат вкупно 225 милиони нормални метри кубни за период од шест месеци при што се номинирани месечни количини, колку што е потребно ако работат ТЕ-ТО и топланите „Исто-Запад“ и „Скопје Север“.

Ковачевски смета дека ќе има прифатлива понуда и дека веројатно од вторник наредната недела треба да се склучат договори.

Ако тоа евентуално не се случи, порача тој, алтернатива ќе биде дизелот.

-Граѓаните на Скопје воопшто не треба да се грижат зашто парно ќе има. Ако е неопходно, во краен случај, ќе се активираат и државните резерви – рече Ковачевски.

АД ЕСМ Продажба, повтори Ковачевски, има обврска да го набави природниот гас и да го испорача кон консументите, топланите и евентуално ТЕ-ТО.

-Очекуваме во текот на утрешниот ден да стигнат повеќе понуди. За утре е најавена и понудата од контактите на опозицијата, компанијата „Пегео“. Контактирано е и со „Макпетрол“, номинирани се количините за периодот од 1 ноември до 30 април 2023. Очекувам дека „Макпетрол“ ќе се појави со понуда и дека ќе има и други компании. Ќе ги разгледаме сите понуди, а основен критериум ќе биде најниската цена, но со гаранција дека количините ќе бидат испорачани и дека ќе бидат задоволени потребите на ЕСМ за испорака на природен гас – истакна тој.