Конечно имаме и признание, доказ дека цело време сме биле во право кога сме предупредувале на неправилностите во работењето на градоначалникот на Битола Владимир Талески, изјави денеска на прес конференција Васко Ковачевски, претседател на ОО од СДСМ Битола.
– Апсурдно, но реално, признанието доаѓа лично од неговиот сопартиец, министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески. Ако се земе предвид дека низ рацете на Талески во изминатите 10 години поминале над 240 милиони евра од буџетот на Општината, а Битола продолжува да тоне, се поставува прашањето каде завршиле парите на битолчани? Поради овие факти, но и поради тоа што овој човек заедно со неговата партија залудно им потрошија 10-тина години од животот на битолчани, бараме градоначалникот Владимир Талески да си поднесе оставка! Дополнително, потрошените над 240 милиони евра, пари на граѓаните, налагаат потреба од целосна ревизија на целокупното работење на Талески и ВМРО-ДПМНЕ – рече Ковачевски.
Тој ги повика граѓаните внимателно да го следат процесот на објавување на „Вистината за Македонија“, кој, како што рече, ќе ги врати слободата и демократијата во нашата земја но ќе ги отвори и можностите за поубав и подостоинствен живот.
– Објавувањето на вистината за Македонија, со цврсти факти и аргументи, го покажа криминалниот начин на владеење на Никола Груевски, Сашо Мијалков и неколкумина нивни најблиски соработници. Но исто така, излезе на виделина и вистината за работата на локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Вицепремиерот за финансии, Зоран Ставрески, призна коруптивен скандал направен од битолскиот градоначалник Владимир Талески. Во своето признание, Ставрески го нарекува Талески „тежок криминалец“ кој потпишал, цитирам: „коруптивен до даска договор“. Станува збор за договор за превоз на ученици, од јуни 2010 година, во кој договорените цени се дури 10 пати повисоки отколку пазарните цени. Ставрески исто така посочува дека токму опозициските советници во Советот на Општина Битола му извршиле притисок на Талески да ги промени штетните договори, што јасно потврдува кој работел чесно, транспарентно и за доброто на граѓаните – рече Ковачевски кој на денешниот прес ја пушти снимката од разговорите во кои станува збор за посоченото.
[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=E3d2xPAZcy4[/youtube]