КОВАЧЕВСКИ : ПРЕД НАС Е НЕПОВТОРЛИВА ШАНСА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА, ДО 2030-ТА ГОДИНА ДА БИДЕМЕ ЗЕМЈА ЧЛЕНКА НА ЕУ СО ДВОЈНО ПОВИСОК ЖИВОТЕН СТАНДАРД

0
277

„Сега е момент на заеднички интерес, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. И јасно е дека ова е уникатна шанса. Затоа европските партнери и САД ја нарекуваат неповторлива, единствена шанса. Затоа што тоа е така. И затоа велам дека ние имаме неповторлива шанса за европска иднина што можеме да ја постигнеме во динамичен процес до 2030 година. Оној пак кој мисли да соработува со трети страни кои не се на линија на евроатлантските стратешки цели на Република Северна Македонија и на граѓаните – кои и на последните парламентарни избори дадоа поддршка на проевропски политички субјекти кои ќе осигураат проевропска иднина на државата – нека го прават тоа. Тоа ќе се види и на гласањето во овој Парламент кога за тоа ќе дојде време“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Премиерот Ковачевски посочи дека постојат проевропски политичари и надвор од владината коалиција и повика да се донесат потребните одлуки за да се обезбеди европска иднина на македонските граѓани.

„Одговорноста ќе има име и презиме и граѓаните тоа ќе го знаат. Исто како што граѓаните знаат чија е одговорноста што 11 години државата беше заглавена. Седумнаесет години чекаше на почнување на преговори со ЕУ, 11 години чекаше на членство во НАТО. Сето тоа има секогаш име и презиме и лична одговорност.

Затоа, повикувам да престанат драмите што ги гледаме изминатиов период, што доаѓаат доминантно од редовите на опозицијата, која повторно игра на картата на некаков патриотизам којшто треба да е замена за носење на одлуки кои значат европска интеграција“, потенцираше премиерот Ковачевски, предупредувајќи дека ако не продолжи, земјава од лидер во европските интеграции може да остане проблематична точка заедно со Косово и Босна и Херцеговина.

Премиерот Ковачевски нагласи дека ако не се осигура европскиот пат, ќе се покаже неодговорност кон потребите на граѓаните, кои заслужуваат да бидат европски граѓани и ќе се изневерат очекувањата на меѓународната заедница кои што во Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста во геополитички контекст.

„Сметам дека одлуките треба да бидат донесени тука, низ демократска постапка во нашето Собрание сега за да може до 2030-та година да бидеме земја членка на ЕУ која што ќе има двојно поголем животен стандард во првите години по зачленувањето, која што ќе има инвестиции тројно поголеми по зачленувањето, која што ќе има просечни плати двојно поголеми од тоа што го има сега, пензии двојно поголеми, 30 до 40 проценти зголемен број на мали и средни претпријатија како што се случи со сите земји членки на ЕУ. И, конечно, нашите граѓани, нашите генерации на млади да можат иднината да ја гледаат во земја членка на ЕУ, Република Северна Македонија“, заклучи на крајот премиерот Ковачевски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.