КОВАЧЕВСКИ : ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ НЕМА ДА ИМА, НИТУ ЌЕ ИМА РЕФЕРЕНДУМ, ИМАМЕ ПОЧНАТО ПРОЦЕС НА ПРЕГОВОРИ И ОД ТОЈ ПРОЦЕС НЕМА НАЗАД

0
1071

Ни треба опозиција што ќе се надмине себе си, опозиција што ќе зборува за тоа на кој начин побрзо ќе се одвиваат процесите кон ЕУ. Во моментов, треба да разговараме како да изгледаат преговарачките тимови и како да функционира Собранието. Сметам дека блокадите не треба да продолжат, особено што од септември не чека последниот дел од годината кој ќе биде исклучително тежок од аспект на економската криза, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според Ковачевски, предвремени избори нема да има, ниту ќе има референдум. Пред нас е нов чекор во развојот на државата. Веќе имаме почнато процес на преговори и од тој процес нема назад. Треба што побрзо да го комплетираме скринингот и да ги завршиме обврските од вклучувањето на делови на народи кои живеат во земјава.

-Има време опозицијата да се убеди во исправноста на сегашните чекори на државата. Верувам дека со текот на времето и се поголем број граѓани, особено оние кои веруваат во европската идеа и во просепритетна држава, ќе се приклучат кон процесот на ЕУ. Единаесет години оваа земја беше држена во заложништво, 11 години некој креираше само споменици во центарот на Скопје, се обидуваше да не раскара со соседите и внатре, а гледавме и тензии на етничка основа. Тоа денес го нема. Верувам во капацитетот на нашиот народ, верувам дека имавме најбрзо интегрирање во НАТО. Сметам дека ќе имаме и најбрзо интегрирање во ЕУ, истакна Ковачески во интервју на телевизијата Канал 5.

Ковачевски уште еднаш повтори дека во однос на преговорите со ЕУ е рационален оптимист.

-Рационален оптимист сум во однос на преговорите, а тоа значи дека верувам во остварување на целта, работам на тоа и целта ќе се оствари. Ова е неповратен процес што оди напред, што ја носи државата напред, процес од кој нема назад, нема ни лево, ни десно. Од сите нас зависи колку брзо ќе одиме напред и колку брзо ќе станеме членка на ЕУ, потенцира Ковачевски.