КОВАЧЕВСКИ : ПО ПРИМЕРОТ НА КОНЕСКИ, СЕ ГРИЖИМЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, НИЗ ДЕЛА

0
399

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на настанот „Отворени денови на Институтот за македонски јазик”, оваа година посветени на чествување на јубилеите: 70 години од граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески и 100 години од раѓањето на Тодор Димитровски.

Премиерот Ковачевски посочи на значењето на Блаже Конески, како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, значајна личност за македонската книжевност, филолог, преведувач, професор, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, инспиративен ум за своето време, кој своето огромно знаење го става во служба на идните генерации.

„Наследството на Конески е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел во македонскиот идентитет и во македонската национална култура – но и со безвременско значење, поради поставеноста на Конески кон иднината, како приврзаник на сфаќањето дека јазикот е жива материја. Затоа Конески е патоказот и денес. И затоа е доволно е да се препрочита Конески, за да се биде спокоен и сигурен дека сме на вистинскиот пат”, порача премиерот Ковачевски.

Тој констатираше дека одредницата да се работи во служба на иднината и идните генерации е аманет од Конески и тоа е нашиот пат, сега и секогаш.

„„Јазикот е нашата татковина” е неговата позната порака. Но, Конески посочил и дека: „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не” и ова не е помалку важно. Напротив, е мотив и обврска за секој кој се смета или се гледа за продолжувач на неговото дело. Денес, македонскиот јазик е официјализиран, после Обединетите Нации – и во Европската Унија. Само пред неколку дена, Советот на Европската Унија ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, на чист македонски јазик. Нема какви било додавки, нема какви било ѕвездички – на чист македонски јазик! Нема повеќе ни поединечни внимателни формулации од типот „јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски” и слично. Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери, на претставници на меѓународната заедница, прецизно се употребува терминот „македонски јазик” којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија. Ако јазикот е нашата татковина, а македонскиот јазик е признаен на рамноправна основа меѓу европските јазици, за што прв доказ е договорот ФРОНТЕКС, а и целокупното европско законодавство што се подготвува да се преведе и на македонски јазик – тогаш по членството во НАТО, со што ги осигуравме територијалните граници на нашата татковина, ова е конкретното признание на македонскиот јазик што го очекувавме – и осигуравме, со почетокот на преговорите со ЕУ. Со државничките одлуки што ги носиме веќе 5-та година, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет! И јас сум убеден дека Конески денес би се чувствувал подеднакво горд во постигнувањето на заштитата на нашата јазична средина – на нашата татковина, како што тој би рекол”, оцени премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Граматиката на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески е капитално дело со трајна вредност.

„Со неа се поставени темелите на македонскиот стандарден јазик и е зацврстена неговата натамошна употреба”, додаде премиерот Ковачевски.

Тој рече дека трајните вредности ги овековечува потсетувањето на нив. И дека, како што Конески го правел тоа во своите дела, застанувајќи на темелите од светите Климент и Наум, продолжувачи на делото на светите Кирил и Методиј – го правиме и ние денес со чествувањето на 70-годишнината од Граматиката на Блаже Конески и 100 годишнината од раѓањето на македонскиот лингвист, преведувач, еден од авторите на Правописот на македонскиот јазик, Тодор Димитровски, на чии темели ние стоиме. Посочи и на значењето на уште еден значаен јубилеј, којшто е потврда дека македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот идентитет, се длабоко вкоренети во македонската, но и светската јазична и книжевна историја и наука.

„Тоа е 70-годишнина од првата граматика на македонскиот јазик – на англиски јазик, којашто ја напишал американскиот славист и македонист, Хорас Лант, во раните 50-ти години од минатиот век, којашто ја одразува најраната фаза на стабилизацијата на македонскиот литературен јазик, претставува значаен документ за историјата на нашиот литературен јазик, а има значаен придонес и за афирмацијата на македонскиот јазик меѓу научните и студентските средини во САД и Европа”, додаде премиерот Ковачевски.

„Затоа, сè додека одиме по патот на Блаже Конески, нема од што да стравуваме. Напротив, како што напишал Влада Урошевиќ, еден од неговите проучувачи: „Спијачите си спијат, сонуваат сонувачите”. А: „Секој сонувач воедно е и летач”. Летот на Конески се состои во тоа што се издигнал над своето време кога посочил и на потребата од зрела средина којашто ќе ја цени, чита и гради и понатаму својата литература, на својот јазик, бидејќи очигледно проценил дека напредокот е всушност самопотврдување”, оцени премиерот Ковачевски.

Тој рече дека изданијата на македонски јазик, што ги промовира, со овој настан, Институтот за македонски јазик, покажуваат дека современата културолошка јавност е подготвена да одговори на повикот на Конески за континуитет и напредок. Наведе дека Владата ја поддржа дигитализацијата на сите картотеки, со пет милиони единици, во Институтот за македонски јазик. А, во Институтот, по 24 години, се вработуваат 17 млади луѓе, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки.

„Ова е вистинска грижа за македонскиот јазик – низ дела”, посочи премиерот Ковачевски кој на нововработените им посака успешна научноистражувачка работа по стапките на Конески, Димитровски, Стаматоски, Корубин,

„Македонскиот јазик на којшто се преведени англискиот водечки драматург, Шекспир; еден од водечките писатели на германски јазик од 20 век, Кафка; еден од светските писатели, Достоевски; една од клучните фигури на литературниот реализам во 19 век, американско-британскиот писател Џејмс, еден од највлијателните поети на 19 век, францускиот поет Шарл Бодлер; еден од највлијателните автори на 20 век, американскиот писател Хемингвеј и плејада други автори од светската литература – живее низ преводите. Македонскиот јазик живее секако низ постоечките македонски книжевни дела. И ќе живее и низ новите дела од современите македонски писатели и на идните генерации македонски автори”, порача премиерот Ковачевски.

Тој додаде и дека јазикот живее и ќе живее и преку неговата активна употреба.

„Така, наша обврска е и ние сакаме, македонскиот јазик, покрај во делата, да е зачуван и да се развива, но и активно, гордо и правилно да се употребува од граѓаните и во Скопје и Охрид и Струмица и низ целата држава. За македонскиот јазик активно да живее, треба да има и луѓе кои го зборуваат – и денес и во иднина. А тоа ќе се случи само ако државата им понуди иднина на младите за тие да останат тука и да го зборуваат јазикот, да го збогатат и да ја пренесат љубовта кон него на своите деца и на своите внуци понатаму. Она кон кое целам со ова што го кажувам сега, е дека ако нашите деца си заминат, нема да остане никој кој ќе зборува на јазикот на нашите предци. А дали ќе биде тоа така, зависи само од нас. Нашата обврска како Влада, во овој контекст е да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме услови и да ги задржиме младите дома – нови фабрики, нови подобро платени работни места, подобра инфраструктура, подобри училишта и болници. Да се осигураме дека во нашата иднина нема да има место за лажен национализам, или лажна гордост, туку компетентност, напорна работа, трудољубивост, одговорност. Да има и љубов кон јазикот кој го зборувале нашите предци и кој го зборуваме и развиваме денес ние”, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски порача и дека Владата е цврсто определена да ги поддржи сите проекти и иницијативи во насока на негување и унапредување на употребата на македонскиот јазик и неговата афирмација во европското и светското семејство на јазици, идентитети и народи, каде што рамноправно припаѓаме.