КОВАЧЕВСКИ ОД КУМАНОВО ВО ЧЕСТ НА 11 ОКТОМВРИ : СО НЕПОКОР И СЛОБОДА СЕ ДОБИЕНИ СИТЕ БИТКИ ЗА ПРОГРЕСИВНА МАКЕДОНСКА ИДНИНА, ЌЕ УСПЕЕМЕ И ДЕНЕС!

0
401
Почитувани,
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, се обрати во чест на денешниот голем државен празник 11 Октомври – Ден на народното востание, на централниот настан, што под мотото „Непокор и слобода“, се одржува во Куманово, на платото на меморијалниот споменик, Спомен костурница.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓанки и граѓани,
почитувани: претставници од Сојузот на борци од Народноослободителната борба и Антифашистичката војна на Македонија,
Почитуван претседател на уставниот суд,
Почитувани министри во Владата,
Почитувани пријатели од меѓународната заедница,
наши домаќини – граѓанки и граѓани на прогресивно Куманово,
градоначалник на општината Куманово,
почитувани пратеници,
медиуми и други присутни-

Оттука, од револуционерно Куманово, каде на 11-ти октомври 1941-та година започнува македонското антифашистичко и народноослободително востание,
од мојот, вашиот роден град, од градот на достоинството и пркосот, браникot на слободата и симбол на непокорот- ја испраќаме пораката, дека:

Непокорот и слободата се во македонскиот ген!

Ова антифашистичко – партизанско и илинденско историско наследство е во нашиот фундамент. Со непокор се добиени сите клучни битки во минатото за слобода и прогресивна македонска иднина. Затоа што учиме од минатото, но гледаме кон иднината. Како што било, како што е и како што ќе биде секогаш!

Благодарение на непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободитената борба во 1944 година, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија.

Со непокорот во определбата за слобода е добиена антифашистичката борба и со неа битката за македонската државност. На првото заседание на АСНОМ е постигнат огромниот политички успех, со којшто конечно е остварен вековниот македонски сон. Формирана е македонската држава, во којашто е воведен македонскиот јазик како службен јазик.

Со определбата за прогрес, во 1991-та година обезбедивме независност. Во 1993-та година државата стана членка на Обединетите нации. Во 2001-та година надминавме меѓуетнички конфликт. Во 2016-та година совладавме режим. Во 2017-та година ја обновивме демократијата. Во 2020-та година станавме членка на НАТО. Во 2022-та година започнавме преговори со ЕУ, по цели 17 години од добиениот кандидатски статус, при што го поставивме македонскиот јазик на рамноправно рамниште со сите официјални европски јазици.

И денес, посветено градиме држава за сите, државата на сите, функционална, мултиетничка Република Северна Македонија, уникатен и одржлив модел на демократија, Европа во мало. Поради тоа сме препознаени како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и во Европа.

И сме пред најсеризната и неповторлива шанса за рамноправно членство и во ЕУ, во динамичен процес до 2030-та година. Македонската држава да стане европска држава! Македонските граѓани да бидат европски граѓани, со достоинствен, европски квалитет на живот. Каков што заслужуваме!

Сиот прогрес што е направен до денес – е одраз на нашиот непокор и слободата на избор.

Овој достоиствен пркос кон предизвиците, да се гледа и чекори напред и да се мисли на иднината и на следните генерации и кога е најтешко – е опеан и во партизанските песни. Каде, партизаните себеси се нарекуваат илинденски наследници, кои стројат живот, слобода, иднина – за жени, деца, старци и младинци.

И кој било или што било не може и не смее да нè попречи по овој пат зацртан од дамнина. На ова македонско парче земја никогаш не се бегало – ни од пламен, ни од окупатори, ни од одлуки.

И правецот е повторно тој и денес во остварувањето на стратешките национални и државни цели! Да останеме цврсти, и обединети да се соочиме со актуелните предизвици, чекорејки напред.

Затоа што, назад никогаш и не било опција. Ни за партизаните, ни за илинденците, ниту кога се носени важните политички одлуки при изградбата на државата и во нејзиното меѓународно етаблирање, по независноста. Назад не е ни наша опција.

Денес, кога имаме своја македонска држава, потврдена и признаена во Европа и светот, во којашто говориме на својот мајчин македонски јазик, потврден и признаен во Европа и во светот – нашата современа битка е да не дозволиме ничии лични, партиски или други агенди, нечии туѓи цели, да ни го попречат европскиот пат.

Нашата современа битка денес е да ги донесеме европските и светски вредносни стандарди – дома, што ги очекуваат македонските граѓани, а посебно младите генерации. Затоа што тие ќе осигураат животен стандард и семејни буџети на европско ниво; продуктивно образование, модерно здравство, функционално владеењето на правото, конкурентност на пазарот на трудот. Ќе поттикнат мотивација. Ќе донесат спокој и среќа. Пред нас е предизвикот – младите да ги сочуваме во земјата. Нашите деца, младите луѓе – тие се иднината на државата. Тие ќе останат во родната земја, ако во неа ја гледаат својата иднина.

Почитувани граѓани,

Државата постои за луѓето во неа.

Денес, патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом. За никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор, во несигурност, по светот.

Антиевропската агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес. Патриотизмот што значи да си ја сакаш татковината и да вложуваш во нејзиниот развој.
Затоа што токму антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина – води кон Македонија без луѓе. А само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

И затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда. Тоа што не успеало за време на илинденското востание во 1903, во НОБ од 1941 до 1944, потоа и за време на распадот на Југославија и во предизвиците на изградбата на државата по прогласената независност во 1991 година – не смееме да дозволиме да се случи денес.
Во 2023 година, во цивилизациски напредниот 21-ви век, современа, демократска, мултиетничка, напредна Република Северна Македонија, полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО, држава која почна преговори со ЕУ и идна членка на Европската Унија – некој, со антиевропската агенда, се обидува да ја врати во мрачното и мачно минато, кое е надминато.
Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигураме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели.
Членството во Европската Унија го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки. Еднаш освоената слобода и еднаш создадената држава  – се чуваат и штитат засекогаш.
И затоа, ние, генерациите на денешнината имаме обврска да се справиме со антиевропската и антимакедонска агенда – од каде и да доаѓа таа.

И тоа ќе го направиме со нови мудри одлуки, како и досега, коишто отвораат перспективи и овозможуваат напредок на граѓаните и државата. Република Северна Македонија е поставена на вистинскиот пат.
Државата се развива според потребите на граѓаните, според модерните текови и во блиско пријателство со нашите стратешки партнери САД, државите членки на ЕУ и на НАТО, од коишто имаме силна поддршка за натамошниот развој, како никогаш досега.
Ваквата позиција на нашата земја, овозможи највисоки износи на странски инвестиции, највисока државна поддршка на домашните претпријатија, највисоки досега плати и пензии, највисоки досега капитални инвестиции. Овозможи, за прв пат од независноста на државата – стратешко домашно производство на храна и на струја, при што државата се издигнува и во зелен енергетски центар во регионот и Европа.
Сето ова ќе биде најмалку двојно зголемено со реализацијата на европските интеграции.
Земјата веќе ја развиваме како заедничка држава на рамноправни народи: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат, како принцип востановен уште за време на Крушевската Република и АСНОМ и како принцип по којшто функционира и самата Европска Унија.
Предничиме и во регионот, па дури и во Европа, по почитувањето на различностите и по почитувањето на човековите права, затоа што историјата ни ја има покажано предноста на заедништвото.
Со непокорот успевме да ги совладаме сите клучни предизвици. Но, тоа што бевме едни до други и едни со други, беше и е нашиот силен ветар во грбот по патот напред.
И со тоа што ќе ја зајакнеме меѓуетничката инклузија, ние ќе излеземе само посилни, затоа што засекогаш ќе го разграничиме македонскиот идентитет од кој било друг идентитет. А тоа, како што оценуваат и нашите големи пријатели, САД, не е излез за патот кон ЕУ, туку е врата за влез во Европската Унија, каде се гледа големо мнозинство граѓани во нашата држава.
Тука во Куманово, кое прво поведе во победничката народноослободителна и антифашистичка борба, мултиетничкиот живот се негува со децении и векови. И тоа се покажа дека е движечката сила на револуционерниот дух на градот и неговиот прогрес.
Рамо до рамо биле и Мирче Ацев, Христијан Тодоровски Карпош, Коста Солев Рацин, Бајрам Шабани, Стив Наумов, Ибе Паликуќа, Михајло Апостолски, Мара Нацева кога е добиена битката притив фашизмот во државата.
И ваквите примери мора да бидат пред нас, во одлуките што треба да ги носиме и во претстојниот период.
Денес, на нашиот голем државен празник, 11 Октомври, Ден на народното востание, кога сите погледи се кон придобивките од победата над фашизмот, станува уште појасна вредноста на заедништвото што го воспоставивме, како обединување на различностите по етничка, национална или која било друга основа. Наспроти овој темел на парламентарната демократија е опасноста што ја носат, за жал сè уште присутните идеи за етнонационализам, придружени со ксенофобија, што во светската современа историска наука се квалификуваат како модерна форма на фашизам.
Ние тоа зло во современо пакување имаме обврска да го спречиме да се врати. Со нашата вековна традиција на соживот ја обезбедивме домашната стабилност. И станавме потребни и ние на Европа, освен што таа ни е потребна нам.
Во актуелниот геополитички контекст, токму ваквите успешни примери на мултиетничка демократија како нашата држава, се покажаа неопходни на светот, во напорите да се осигураат европскиот и светскиот мир.
Во тој процес, се смета и на придонесот на нашата држава, како доверлив партнер во НАТО, на САД и на ЕУ.
Нашата држава отсекогаш била на вистинската страна на историјата, па и за време на Втората светска војна, кога застанала меѓу прогресивните антифашистички сили. И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. И имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности – во името на сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес. И со којшто, уверен сум, ќе ги обезбедиме и нашите европски перспективи, реформирајќи  го нашиот вековен македонски државен капацитет, во врвен европски капацитет кој ќе покаже дека дента кога ќе влеземе во ЕУ, нашата држава ќе биде најбрзорастечка економија во Унијата.
Ако некој мисли дека покрај големото, драгоцено историско искуство, може, со било што, да ја разниша самодовербата на македонскиот народ, наметувајки му чувство на жртва, ставајки го во улога на постојано онеправден и зависен од волјата на други и во изолација – сакам да порачам, дека – многу згрешил во проценките!
Неправди имало и ќе има – и тоа насекаде во светот.
Но, македонскиот народ, сите граѓани на нашата држава, секогаш по слободна волја избирал непокор. И никогаш не сме дозволиле перспективите на државата да зависат од други. Преземал акција, по цена на какви било жртви. И успевал!
Нашиот пат до извојуваната слобода и напредокот е обоен во црвено. И тоа е свет аманет и аларм за сите и сегашни и идни водства на државата.

Лидерството, предводи по патот – не бега од одлуки и не тактизира со оправдувања!

И јас како премиер и ние како Влада, ќе продолжиме, заедно со сите вас, непокорно да чекориме по патот на прогресот. И знам дека и овој пат, повторно заедно, ќе успееме.

Денеска, овде во Куманово, на ова свето место, Спомен Костурница, вечно почивалиште на стотици и стотици борци – оддаваме почит на сите борци низ државата, кои ги положиле животите во непокорот кон фашистичкот окупатор и во борбата за слобода и кои го трасираа патот  на македонскиот напредок.
Честит и вековит нека е 11 Октомври – Денот на народното востание! Да живее Куманово, да живеат граѓаните на европска Македонија!
Ви благодарам!“