
„Немајте дилема дека ништо во оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ги знаеме дека се добри глумци. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се смени. Го гледавме тоа со Груевски 11 години, знаеме како изгледа. Последно нешто што сакаме е лоша и евтина реприза на неговото владеење“, рече Ковачевски за време на својот говор на вечерашниот митинг во Кочани.
Тој истакна дека СДСМ е единствената политичка партија која без оглед на сѐ, никогаш нема да се откаже од инклузијата, карактеристика која константно придонесува мултиетничкиот карактер на Македонија да биде наша предност и адут, а не камен на сопнување. Ги повика Мицкоски, Силјановска – Дафкова и Ахмети да престанат со опасните наративи, кои лесно може да предизвикаат етничка нетрпеливост.
„Граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато. Престанете со препукувањата, со скандирањата и заканите. Тие никому не носат добро. Имаме морална должност кон себе си, кон нашите деца и идните генерации, да се „препукуваме“ со идеи и проекти, а не со закани и заплашувања. Нашите гласачи очекуваат издржани решенија и активности, не скандирања, навреди и недостоинствен однос“, порача Ковачевски.
Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните, пред да гласаат в среда, добро да размислат кој заслужува да ја води државата. Порача дека единствено СДСМ и коалицијата имаат јасен план за подобра европска иднина за сите.