КОВАЧЕВСКИ НА КЛИК ПЛУС ЗА ТВ21 : БЛОКАДИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГИ НАДМИНЕМЕ, НЕ ПРИФАЌАМ НИКАКВИ УЦЕНИ ОД МИЦКОСКИ

0
338

Во изминатите две години, од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се блокирани не два, не пет, не 10, не 20, блокирани се неколку десетици закони кои се клучни за различни области од живеењето на граѓаните истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Ковачевски посочи дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ секогаш наоѓало начин она што е во интерес на граѓаните да биде изгласано во Собранието и дека така ќе биде и за најавените нови блокади од ВМРО-ДПМНЕ.

„Законот за служба во армијата, Законот за наставници и стручни соработници, за Клинички центар, низа на закони се блокирани. Вие знаете како беше гласањето и усвојувањето на антикризните мерки во време на најголемата корона криза кога низ молења, чекања во парламентот кога практично немаше и дебата се одолговлекуваше целата процедура, сето тоа беше правено на ист начин како што го гледаме и сега. И тогаш и сега Владата и парлментарното мнозинство изнајдоа демократски начин она што е од суштинско значење за граѓаните да биде изгласано во Собранието бидејќи тоа се однесува на граѓаните на државата. Оваа Влада покажа високо ниво на подготвеност за разговор и инклузивност, да не заборавиме дека сите закони од областа на работничките права се носеа низ широк и инклузивен процес во разговор со синдикатите, разговорите за унапредувањето на правата на пензионерите се водеа низ широк инклузивен процес. 26-те антикризни мерки се донесоа низ дискусија на проширениот економски состав на советот на Владата на кој учествуваат претставници на сите комори, на работадавачите, на академската заедница, експерти. Единствено раководните тела на ВМРО – ДПМНЕ не учествуваа во таа расправа.“ порача Ковачевски.

Тој истакна дека простор за дебата секогаш постои но и дека нема да прифати какви било уценувања од страна на опозицијата.

„Простор за дебата секогаш постои, нормално дека постои простор за унапредување на голем број на законски решенија кои ги засегаат граѓаните и тоа е начинот на кој треба да се одвива една парламентарна дискусија и дебата. Меѓутоа уценување или за тоа ќе се разговара или нема да има средба јас не прифаќам. Закани, одбројвуња на денови, тоа се минати времиња. Ние сме демократска држава, ако мисли претседателот на ВМРО – ДПМНЕ дека се уште живее во времето на неговиот претходник и сегашен ментор кога се организираа на две години избори тогаш кога на нему му одговараше тогаш се лаже. Оваа држава веќе не е заробена држава, ни хибриден режим, ова е демократска држава, држава во која се унапредени правата на новинарите според извештајот на Репортери без граници и никогаш нема да се врати назад во тоа време.“ заклучи Ковачевски.