КОВАЧЕВСКИ НА ВИЕНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ : ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ ОСВЕН ВО ПОЛИТИЧКИОТ, МОРА ДА СЕ СЛУЧУВА И ВО ЕКОНОМСКИОТ ДЕЛ

0
308
– По оваа нова геостратешка динамика што ја имаме во Европа, клучниот збор е интеграцијата, не само во ЕУ туку и во НАТО. Затоа интеграцијата мора да се случува во политичкиот дел, но и во економскиот дел. И затоа ние цврсто го поддржавме и го побаравме Планот за раст на Западен Балкан од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, бидејќи тој се потпира и лежи врз придобивките на интергарцијата.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на панел- сесијата „Градење економска соработка во тешки времиња“, во рамки на 20-от Виенски економски форум, каде учествува заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, на Бугарија Николај Денков, како и министерот за економија на Молдавија, Думитру Алаиба.

-Една работа е сигурна. По оваа нова геостратешка динамика што ја имаме во Европа, клучниот збор е интеграцијата, не само во ЕУ туку и во НАТО, затоа што веројатно две од најразвиените земји во Европа, Шведска и Финска, сега сакаат да се приклучат на НАТО. Една од нив е веќе членка а една е во процес на ратификација. Истото важи и за ЕУ. Се докажа дека Европската Унија не може да има две граници, тоа не е одржливо, а во моментов имаме надворешна граница на ЕУ и имаме внатрешна граница којашто е токму во земјите од Западен Балкан, рече Ковачевски.Премиерот посочи дека Северна Македонија во изминативе две години во време на криза постигнала многу релевантни работи особено во делот на зацврстувањето со односите со ЕУ.

-Ние го надградивме сето тоа врз членството во НАТО, така што во 2016 година странските директни инвестиции во земјата беа околу 350 милиони евра во најголемата кризна година, во 2022 странски директни инвестиции беа околу 760 милиони евра, што е двојно повеќе, рече Ковачевски.Тој потсети дека во делот на платите, минималната плата е зголемена за 100 проценти, а пензиите за 40 проценти.

-Но кога ќе се вратиме на искористувањето на европските фондови, важно е да се потенцира дека Северна Македонија се докажа дека ги спроведува сите процедури, и со добро управување во делот на земјоделството особено, ние успеавме да бидеме првата земја којашто ја отвори ИПАРД 3 програмата со 40 проценти зголемени фондови од ЕУ и да го потрошиме тој пакет, што дури и некои членки на ЕУ не успеаја да го постигнат. Затоа велам дека ако некој е посветен, секоја цел може да биде достигната, истакна тој.Според премиерот, треба да се потенцира важноста и на Берлинскиот процес, затоа што тој дава можност да се работи на законодавството, додека Иницијативата Отворен Балкан, како што рече, е доказ дека преку надградувањето на економската соработка носи придонеси за граѓаните.

-Трговијата, по иницијативата, со Србија и Албанија се зголеми за 20 отсто. Трговијата на Северна Македонија со Србија се зголеми за 50, а на Северна Македонија со Албанија за 40 проценти, а туризмот процвета бидејќи граѓаните најдоа можности да ги посетат земјите од регионот. Сето ова оди рака под рака со добрите политички односи, затоа што без добри политички односи не може да има економска интеграција, нагласи Ковачевски.

Во поглед на инфраструктурата, истакна тој, Западен Балкан, како ниту еден друг регион во Европа со децении беше без соодвена инфраструктра, а Коридор 8, како што рече, поради политички причини не беше изграден никогаш порано во минатото, затоа што дел од земјите беа дел од Варшавскиот договор, а земјава беше дел од Југославија.

-Во поглед на енергетиката, ние забележавме напредок во изминатите години, земја чие знаме го носи сонцето е земја со најмногу сончеви денови во светот, а ние сме таа земја. Го земавме предвид европскиот Зелен договор, и во моментов инсталираме обновливи извори и сме пионери во регионот. Во изминативе две години издадовме 658 лиценци за производство на енергија од обновливи извори. Работиме и на стратешки проекти со нашите соседни земји, особено со Грција и ќе започеме до крајот на годината со проект менаџментот за спроведување на новиот гасовод што ќе и овозможи на Северна Македонија да се приклучи на Транс-јадранскиот гасовод, а со тоа ќе добиеме енергетска независност и диверзификација во земјата, истакна премиерот.