КОВАЧЕВСКИ : ИНВЕСТИРАМЕ ВО ПРОЕКТИ ШТО ЗНАЧАТ ПОДОБАР ЖИВОТ ЗА ГРАЃАНИТЕ, ФОКУСИРАНИ СМЕ НА РАЗВОЈ НА СЕКОЈ РЕГИОН

0
733

„Владата во изминатиот период поддржа голем број на проекти и посветено работевме за обезбедување на рамномерен регионален развој во сите општини во државата. Сите граѓани, во оваа држава, заслужуваат да имаат пристојни услови за живот, од патна и комунална инфраструктура до здравствени, образовни и социјални услуги. Оваа Влада не е фокусирана само на урбаните средини и не е фокусирана само на еден километар квадратен во градот Скопје како што имавме 11 години Влада на ВМРО-ДПМНЕ, тие беа фокусирани на километар квадратен во центарот на Скопје“, рече премиерот Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Парламентот.

Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата помага без исклучок секаде.
„Се гледа кој работи домаќински и помага секаде и секому, а кој не работи и постојано критикува. Граѓаните тоа го знаат и гледаат нив своето секојдневие.
Разочарувачки е тоа што и покрај сите расположливи финансиски средства кои им се на дофат на општините, постојано виновникот е Владата, а не лошото менаџирање на првите луѓе во општините. Но, сработеното се гледа. Ние инвестираме во подобрување на елементарните услови за живот за граѓаните. Инвестираме во нови водоводни мрежи, градиме нови пазари, модерни и современи патишта, локални и регионални, магистрални. Отворање на нови градинки, отворање на нови училишта и реновирање на постојни сè со цел унапредување на животот на граѓаните“, потенцира премиерот Ковачевски, кој додаде дека се отворени градинки во места во кои никогаш порано не постоеле.

Истакнувајќи дека Владата помага на повеќе начини, премиерот ги посочи можностите за поддршка преку Програмата за рамномерен регионален развој.
„Со фискалната 2022/2023 година за финансирање проекти за развој на планските региони се инвестираат 6,8 милиони евра. Дополнително, за развој на села, урбани средини и подрачја со специфични развојни потреби, за истата фискална година се издвоени 5,6 милиони евра. Распределбата на овие средства ја нагласува нашата посветеност да обезбедиме сеопфатен развој во различни региони и сектори“, потенцира премиерот Ковачевски, кој додаде дека во моментов во Министерството за локална самоуправа се врши евалуација на проектите за претстојната фискална година 2023/2024 година за да се обезбеди ефикасна распределба на средствата.

Премиерот ја нагласи и поддршката преку Програмата за намалување на диспаритети меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност, преку која за 2022 година Министерството за локална самоуправа финансира проекти во износ од 1,2 милиони евра. Додека, за 2023 година со одлука се доделени се средства за проекти во износ од 810 илјади евра. Дополнително, премиерот го потенцираше и проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, преку којшто Министерството за локална самоуправа, во соработка со Швајцарската влада, поддржува седум регионални проекти во Северна Македонија проценети на вредност од три милиони швајцарски франци кои промовираат одржлив и инклузивен развој во планските региони.

„Со инвестирање во овие проекти работиме кон постигнување на пошироки регионални цели и решавање на прашања од регионално значење. Реконструкцијата на објектите, како што е Центарот за белодробни заболувања во Отешево и формирањето на Центар за рехабилитација за деца излечени од канцер, ја покажува нашата посветеност за подобрување на здравствените услуги и обезбедување специјализирана нега на оние на кои им е потребно. Посветени сме на ефикасно искористување на средствата и обезбедување дека проектите имаат трајно и позитивно влијание во заедницата“, нагласи премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски посебно ја издвои и Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, за којашто планските региони и општинските региони можат да аплицираат за повеќе мерки со што се обезбедува неповратна финансиска помош за инвестиции во повеќе области, меѓу кои инвестиции во локална патна инфраструктура, телекомуникациска инфраструктура, инвестиции во водоснабдителни и канализациони системи во населени места итн.

„Општините треба да се управуваат на начин кој ќе обезбеди унапредување на општините, унапредување на услугите коишто ги даваат, меѓутоа она што го гледаме не соодветствува на таквите цели. Општините не треба да бидат места за згрижување на партиски кадар. Исто така општините треба да бидат ефикасни“, рече премиерот Ковачевски, потенцирајќи дека е недозволиво да постојат општини каде две третини од финансиските средства се наменети за вработувања.
Премиерот Ковачевски, на крајот истакна дека Министерството за локална самоуправа и Владата ќе направат сè што е во нивна надлежност она што е планирано да биде и реализирано.