КОВАЧЕВСКИ ЗА ТВ ТЕРА : СДСМ Е ПАРТИЈА ОД ЦВРСТ МАТЕРИЈАЛ, НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ОДЛУКИТЕ ЗА ПОДОБРА ИДНИНА НА ДРЖАВАТА

0
61

„СДСМ е направена партија од цврст материјал, партија која што никогаш не калкулирала, многу јасно сме кажувале дека сме носеле и носиме тешки одлуки, меѓутоа одлуки кои што обезбедуваат подобра иднина за Македонија, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју на телевизија Тера.

„Ние сме партија наследник на сојузот на комунисти на Македонија. Членската книшка број 1 во СДСМ ја има поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров. Замислете ако Киро Глигоров се откажал и Македонија не станеше членка на ООН. Подоцна во 2005 година, повторно  под водство на претседател на СДСМ ние добиваме кандидатски статус за членка на ЕУ. Со СДСМ пред 4 години стануваме земја членка на НАТО со тешка одлука за носење на Преспанскиот договор. Во 2023 повторно под водство на СДСМ и претседател од СДСМ добиваме преговарачка рамка со која што ги започнуваме преговорите со ЕУ3, рече Ковачевски.

Во интервјуото Ковачевски посочи дека за разлика од правилните одлуки на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ единствено знае да блокира.

„Ние имаме многу јасен став и претседателот Пендаровски и јас како претседател на СДСМ, во кој што ги повикуваме сите граѓани на 8 мај да излезат масовно и да го дадат гласот за нашиот претседател Стево Пендаровски и за Коалицијата за европска иднина. ВМРО-ДПМНЕ нормално дека ќе зборува за бојкот и за блокади бидејќи тие единствено тоа знаат да прават и да зборуваат.

Ако се вратиме наназад, тогаш кој сакаше да го блокира членството на Македонија во ООН, кога требаше да се потпише времената спогодба, тоа беше ВМРО-ДПМНЕ. Таа партија единствено може да зборува за блокади и за бојкот, меѓутоа не може тоа да го адресира на нас, бидејќи ние сме прогресивна партија, со прогресивен кандидат за претседател“, рече Ковачевски.

Во однос на претстојните парламентарни и вториот круг на претседателски избори, Ковачевски посочи дека се почнува од нула и дека овие избори ќе ја одредат иднината на државата.

„Изборите почнуваат од нула. Не очекува вториот круг на претседателски избори и не очекуваат парламентарните избори кои практично ќе ја одредат иднината на Македонија, дали ќе се движиме кон напредно прогресивно општество кон ЕУ или ќе бидеме повторно изложени на едни минати времиња кои што ги имавме ќе имаме изолација, на етнички конфликти.

На избори се гласа или „За“ или „против“. Јас секогаш сум мислел дека треба да се гласа „за“ бидејќи гласајќи „за“ вие гласате за една извесна иднина и за еден извесен план“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, додавајќи дека  гласајќи за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, не само што е извесен планот за членство во ЕУ, туку тоа е глас за подобро владеење на право, подобар животен стандард, подобра борба против корупција, подобро здравство, подобро образование.