КОВАЧЕВСКИ ЗА СЛОБОДЕН ПЕЧАТ: ЕДНАКВО СУМ БЛИЗОК И СО ЗАЕВ И СО ЦРВЕНКОВСКИ, ТУКА СУМ ДА ГИ ОБЕДИНАМ СИТЕ ФРАКЦИИ

0
957

Коментарите во јавноста се дека Вие претставувате одредено „заедничко лидерско решение“ за обединување на главните фракции во СДСМ. Дали сте толку близок и до Бранко Црвенковски колку и до Зоран Заев?

Ковачевски: Ваквите коментари ги сметам за позитивни, бидејќи значат дека низ годините имам изградено добри релации со сите што имале врвни позиции во СДСМ. И тоа е точно. Како член во СДСМ од 1994 година сум бил дел од речиси сите досегашни раководства, било на локално или на централно партиско ниво. Секогаш сум имал коректен и професионален однос со сите и од таа позиција ќе го дадам својот максимум за да го обединам членството. Во повеќе интервјуа досега посочив дека сум голем противник на политичките фракции и гледање на внатрепартиските односи низ ваквата призма. Не случајно главниот слоган на мојата кампања беше ЗАЕДНО, затоа што сум убеден дека тоа е единствениот пат по кој треба да продолжиме. Ние, како членови на СДСМ, што е и суштината на демократијата, често меѓусебно имаме различни ставови или несогласувања, но имаме една заедничка цел, а тоа е силна и обединета партиска организација што ќе работи во интерес на граѓаните. Поаѓајќи од ова, јас цврсто верувам дека во периодот што следува СДСМ ќе доживее трансформација како во начинот на работа и организацијата, така и во унапредување на внатрепартиските односи. Заемната доверба и почит мора да ја засноваме на квалитетна соработка, ангажман, но и одговорност на секој член од тимот.

Дел од интервју на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски за Слободен Печат.