КОВАЧЕВСКИ ЗА РТС : ОТВОРЕН БАЛКАН ПОКАЖА ДЕКА ПОСТОИ СОРАБОТКА И ПОЧИТУВАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ СЛОБОДИ НА КОИ СЕ БАЗИРА ЕУ

0
174

Ковачевски за РТС: Отворен Балкан покажа дека постои соработка и почитување на четирите слободи на кои се базира ЕУ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во интервју за српската државна телевизија РТС зборувајќи за Иницијативата „Отворен Балкан“, ја истакна вклученоста на актуелната Влада во почетоците на создавањето на оваа регионална соработка со единствена цел, зголемување на економската соработка во насока на остварување пред сѐ, на патот на трите земји кон Европската Унија.

Ковачевски истакна дека „Отворен Балкан“ ја остварува целта, а тоа е, да ѝ покаже на Европа дека земјите од регионот може да соработуваат меѓу себе, спроведувајќи ги четирите слободи на кои се базира Европската Унија: слободно движење на капиталот, на луѓето, стоките и услугите и во таа насока има позитивни и реални резултати.

„Веќе имаме договори кои се спроведени во делот на воспоставување на слободно движење односно со само една контрола во однос на фитосанитарните, ветеринарните и другите безбедносни контроли на прехранбените производи кои патуваат меѓу трите земји што порано не беше возможно. Второ, веќе е потпишан договор за интерконекција за националните портали којшто заедно со договорот за признавање на дипломите и со договорот за слободно движење на работниците овозможи без дополнителни процедури денес да можат работниците од трите земји слободно и без административни пречки да работат во компании кои се наоѓаат во овие земји“, вели во интервјуто Ковачевски , додавајќи дека се работи и на иницијативи во делот на заеднички настап во областа на културата и во други области со цел зголемување на проекономската активност, соработка меѓу државите за подобрување на благосостојбата на граѓаните.

Како конкретен резултат од оваа соработка, посочи Ковачевски, е и заедничкиот „Саем на винска визија на Отворен Балкан“, којшто изминатите денови се одржува во Белград, а кој немаше да биде реализиран доколку не постоеше иницијативата на трите земји од Западен Балкан.