КОВАЧЕВСКИ ЗА НЕДЕЛНИКОТ ,,ФОКУС” : ЌЕ ЈА ФОРМИРАМ СЛЕДНАТА ПРОЕВРОПСКА ВЛАДА ШТО ЌЕ ЈА ВНЕСЕ ДРЖАВАТА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

0
307

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервјуто за неделниот весник „Фокус“ одговара на повеќе актуелни прашања од интерес за граѓаните и за државата.

На прашање за очекувањето на премиерот за исходот од претстојните избори, премиерот Ковачевски посочува дека ќе ја формира следната проевропска влада што ќе ја внесе државата во Европска Унија.

„Јас ќе бидам следниот мандатар, кој ќе ја формира следната проевропска влада. На граѓаните и на Република Северна Македонија, како кога надминавме конфликт, како кога добивме кандидатски статус, како кога влеговме во НАТО, како кога отворивме преговори со ЕУ, им треба Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како државничка партија, со јасни прозападни демократски определби, којашто е подготвена да го испорача, во брзи рокови и членството во Европската Унија.  И граѓаните тоа ќе добијат, затоа што не заслужуваат ништо помалку“, вели премиерот Ковачевски.

При тоа, премиерот Ковачевски потенцираше дека е важно заедништво за спроведување на важните реформи.

„За важните реформски процеси, со коишто конечно ќе обезбедиме европски квалитет на живот во државава, потребно е заедништво и затоа, победата на Европскиот фронт на којшто повикавме е извесна. Претседател на држава и на влада може да биде само некој кој има коалициски капацитет“, посочи премиерот Ковачевски.

Во интервјуто, премиерот Ковачевски, направи споредба со изолациските, но и нејасни политики на опозицијата.

„Не можете да бидете ни претседател на куќен совет, ако ја имате поддршката само од соседите на спратот, затоа што ви треба мнозинска поддршка. Ако раководството на партијата што ја споменувате имаше минимум доблест, ќе соопштеа, каква иднина им спремаат на граѓаните и на државата, ако таа не е европска? Лесно е да се добијат гласови со лажен патриотизам. Но е нечесно, лицемерно и опасно, да се даде довербата на луѓе кои пред јавноста имаат едно лице, а во позадина друго. На улиците зборуваат за сиромаштија, криминал, корупција, а се враќаат во фотелјите во Белата палата изградена со украдени милиони евра пари од граѓаните. Се колнат во чесност, а соработуваат со сомнителни структури од подземјето. Тоа е мачка во вреќа. Автомобил што никој не би го купил“, оцени премиерот Димитар Ковачевски, во интервјуто за неделниот весник „Фокус“.