КОВАЧЕВСКИ – ДИ КАРЛО : СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ОН СЕ ПАРТНЕРИ ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ГЛОБАЛНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ

0
208

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во рамките на својата агенда за време на Преспа форумот за дијалог во Охрид, денеска ја прими генералната потсекретарка на Организацијата на Обединетите Нации, за политички прашања и мировни операции Розмари Ди Карло.

На средбата, на која присуствуваше и постојаната координитарорка на ОН во нашата земја Росана Дуџак, премиерот Ковачевски ја изрази благодарноста за нејзиното учество на Преспа форумот за дијалог кој се совпаѓа со четири годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа на кој генералната потсекретарка на ОН Ди Карло лично присуствуваше и кој ОН го оценија како победа на дипломатијата.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во разговорот со Розмари Ди Карло ја потврди силната посветеност на Северна Македонија со свој придонес за ефективен мултилатерализам и за зајакнување на улогата на Обединетите нации во справувањето со глобални предизвици како што е руската агресија против Украина или во справувањето со пандемијата со КОВИД-19.

На средбата беше истакнато дека Северна Македонија целосно го поддржува визија пристапот на ОН за превенција од ризиците за човештвото како што се климатските промени, миграцијата, несигурноста во снабдувањето со храната, сајбер и другите закани.

Премиерот Ковачевски на средбата со генералната потсекретарка на ОН за политички прашања и мировни операции Розмари Ди Карло го потврди интересот на Северна Македонија за зголемено учество во операциите на ОН за одржување на мирот и истакна дека во соработка со ОН и другите меѓународни хуманитарни организации Владата активно се вклучи во прифаќањето и евакуацијата на авганистански државјани, од кои од 861, колку што вкупно беа прифатени, 198 се вработени во агенции на ОН, а 70 од нив веќе се заминати на нивните конечни дестинации, заедно со останатите 400.

Двајцата соговорници на средбата, премиерот Ковачевски и генералната потсекретарка на ОН Ди Карло, го истакнаа взаемното задоволство од целокупната одлична соработка на Владата на Република Северна Македонија со постојаниот координатор на ОН и целиот тим на ОН присутен во земјата на различни полиња, како придонес за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори значајни за пристапувањето на земјата во ЕУ како што се реформите во областа на доброто владеење, борбата против корупцијата, реформите во судството, како и зајакнувањето на социјалната кохезија.