На новинарко прашање дали се соочува со притисоци за враќање на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов со цел да се создадат услови за враќање на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, дали на за ова прашање разговарал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, Ковачевски рече дека немал состанок со поранешниот премиер Заев, ниту со Зечевиќ.
-Прво не сум имал состанок со поранешниот претседател на СДСМ. По состанокот којшто го имавме на телото за стратегија во СДСМ, каде што членуваат поранешни претседатели, секретари итн., ниту пак сме имале состанок заедно со генералниот секретар, рече Ковачевски.
За него, рече, не е актуелна тема враќањето на Груевски
-Во однос на актуелната тема која што за мене не е ни актуелна, во однос на враќање на поранешниот претседател на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека тоа е депласирана тема од аспект на тоа што прво за него има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати. Меѓутоа треба да се врати за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со она коешто е донесено од независните правосудни органи, рече Ковачевски.
За комуникација со судските правосудните органи, премиерот рече дека нема никаква комуникација и оти смета дека тие треба да работат независно.
-Јас сум кажал еднаш и ќе повторам уште еднаш, јас немам никаква комуникација со правосудните органи, бидејќи сметам дека тие треба да работат независно. Тоа може да ви го каже било кој судија, обвинител, раководител во судските инстанци, освен ако се сретнеме на некој настан каде што нормално дека ќе се поздравите со оглед на тоа дека претставувате различни власти во државата. И затоа сметам дека сите овие теми се интересни за слушање и читање, меѓутоа сметам дека нема основа за да тие бидат реална политичка дебата во државата, вели премиерот Ковачевски.
Прашан дали поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев се спрема за кандидат за претседател, Ковачевски рече дека во партијата има дефинирана процедура во однос на кандидирање претседателски кандидати.
-Секој член на партијата, којшто ги исполнува критериумите, а тие се наведени и во Статутот и во правилниците коишто важат во партијата може да биде кандидиран или да се самокандидира што се случувало во партијата во минатото, а потоа низ дебата од месните организации преку општинските организации до раководството, Извршниот Одбор и ЦО, се носи одлука за тоа кој ќе биде претседателски кандидат на партијата, се разбира претседателски кандидат на коалицијата која што ќе настапи на изборите. Процесот се уште не е започнат, меѓутоа сите кандидати имаат еднакви шанси во, би рекол, тој натпревар, да ја добијат честа да бидат претседателски кандидат на СДСМ, вели Ковачевски.
Во однос на појавувањето во јавност на Заев, премиерот Ковачевски, не гледа причина зошто некој не би се појавил во јавност, а пред тоа да извршувал високи државни и партиски функции и смета дека тоа е позитивно, бидејќи сепак тоа се луѓе коишто имаат искуство и знаење, кое може да го споделат со политичарите, со деловната заедница, па и со граѓаните.