КОВАЧЕВСКИ ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ : СОЗДАВАМЕ ПОВОЛНА КЛИМА ЗА БЕЗБЕДНО ИНВЕСТИРАЊЕ, НОВИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА КОНТИНУИРАН РАСТ И РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА

0
410

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на компанијата Македонски Телеком, каде се сретна со главниот извршен директор на компанијата, Никола Љушев и со членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој. На средбата присуствуваа и Филип Николоски, заменик-министер за финансии и Зоран Китанов, претседател на Одборот на директори на Македонски Телеком.
Се разговараше за постигнатите успеси на компанијата, како и за инвестициските планови за идниот период.

„Македонски Телеком е наш препознатлив бренд, кој се позиционираше како компанија која е двигател на дигитализацијата во општеството, препознатлив и во примена на нови технологии. Македонски Телеком е подружница на Дојче Телеком, една од најголемите германски компании. Германија е земја којашто е голем пријател и голем поддржувач на нашата држава од првиот ден на осамостојувањето. Таа соработка, како на државите, така и на компаниите во оваа држава се гледа низ сè поголемото ниво на инвестиции и сè поголемиот напредок на нашата држава во која, секако, голема улога има компанија како Македонски Телеком. Минатата година за Македонски Телеком беше година на големи инвестиции, со коишто овозможи проширување на оптичката мрежа во државата, меѓутоа и воведување на 5Г техонологија“, рече премиерот Ковачевски, во своето обраќање за време на посетата на Македонски Телеком и додаде:

„Заложбата секогаш да се размислува три чекори однапред, доброто менаџирање на процесите со цел побрза и поефикасна услуга за граѓаните, но и напорната и посветена работа, се принцип на работа, кој, во мојата кариера, ги применував и тука, во овие канцеларии, и денес како претседател на Владата“, истакна премиерот Ковачевски, честитајќи на менаџментот за успешното работење на компанијата и напредокот на полето на телекомуникациите. Тој се заблагодари на гостопримството и поканата на менаџментот на Македонски Телеком, нагласувајќи дека посетата на Телеком му буди позитивни емоции.

„Самото присуство овде ми буди навистина позитивни емоции и позитивни мемории бидејќи најголемиот дел од мојата кариера го поминав токму во оваа компанија, која ги направи најголемите и најсмелите чекори во дигитализацијата на државата, воведувањето на мобилната телефонија, воведувањето на дигиталната телевизија, а сега продолжуваат новите генерации односно менаџери и вработени со воведување на нова технологија. Воведување на многу содржини на мрежата на МК Телеком и секако унапредување на мобилната мрежа на повисоко и поврвно ниво“, рече премиерот Ковачевски, разменувајќи впечатоци и со вработените во компанијата, со кои, исто така, се сретна за време на посетата.

Премиерот потенцираше дека е горд на фактот што Македонски Телеком сè уште успешно работи и оцени дека е одлична веста, што компанијата, лани, постигнала пет проценти пораст во приходите од продажбата, со проекции за нови инвестициски планови во идниот период.Тој се осврна и на поддршката која ја обезбедува Владата на Република Северна Македонија.

„Владата што ја предводам, создава подобри услови и поволна клима за безбедно инвестирање во новите технологии, а новите инвестиции се она што е потребно за континуиран раст и развој на економијата и на државата. Ова е особено важно во услови на неизвесност и во услови на голема енергетска и економска криза. Кризата ја претворивме во можности, и токму затоа, како Влада, успеавме да ја зајакнеме меѓународната позиција на Северна Македонија и да оствaриме многу стратешки цели, поврзани со економскиот развој на државата.

Северна Македoнија е земја членка на НАТО и земја со започнати преговори со ЕУ, што е основа за економски зајакната позиција на државата, но и поттик за странските и домашните инвеститори, во Владата да гледаат свој партнер за напредок и развој“, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќање, за време на посетата на Македонски Телеком.Тој додаде дека Владата се стреми да создаде услови по светски терк, затоа што безбедното инвестирање и непреченото функционирање на компаниите и е врвен приоритет.

„Поволните услови за нови инвестиции значат нови, добро платени работни места, а тоа крајно значи економски силна држава која обезбедува подобар животен стандард за граѓаните“, смета премиерот Ковачевски.Премиерот се сретна и разговараше и со претставниците на Дојче Телеком. Членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој, на почетокот се заблагодари на премиерот за посетата.

„Голема е честа што сте денес овде, и како што рековте, и за нас е ова емотивна средба, затоа Ви благодариме. Дојче Телеком е значаен стратешки инвеститор во Македонија изминативе 22 години, како мнозински акционер на Македонски Телеком. Во овој период, Дојче Телеком донесе експертиза и најдобри меѓународни практики и ја трансформираше компанијата во модерен оператор, со инвестиции од речиси 70 милиони евра во текот 2022 година, а ако го гледаме целиот период откако инвестиравме во Македонски Телеком, од 2001 година, над една милијарда евра во компанијата и секако во државата.

Можам да кажам дека Македонски Телеком има силен фокус на обезбедување најдобра конективност за македонските граѓани, најдобро корисничко искуство, а исто така и во континуирана дигитализација на државата, што е во корист на корисниците, компаниите и на Владата. Горди сме што даваме придонес кон дигиталната инклузија и што овозможуваме широка дигитализација на земјата, во добра соработка со нашиот партнер акционер, македонската Влада“, истакна Лерој, при посетата на Македонски Телеком, каде се сретна со премиерот Ковачевски.