КОВАЧЕВСКИ : АПАРАОТ ЗА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ОД ПОНОВА ГЕНЕРАЦИЈА ЌЕ ОВОЗМОЖИ КВАЛИТЕТЕН ЗДРАВСТВЕН ТРЕТМАН НА ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ ВО БОЛНИЦАТА ,,8 СЕПТЕМВРИ”

0
530

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста денеска заедно со министерот за здравство Беким Сали присуствуваа на презентација на апарат за зрачна терапија за онколошки пациенти во Градската болница „8 Септември”. Апаратот кој треба да биде целосно ставен во функција до крајот на годината го презентираше директорот на болницата Христијан Костов.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски по повод овој настан.

„Чест ми е што денеска на државниот празник 8 Септември сме сите заедно овде во Градската болница „8 Септември“ каде од страна на менаџерскиот тим ни беше презентиран апаратот за зрачна терапија за онколошки пациенти.

Со овој апарат кој се очекува да биде ставен во полна функција до крајот на годинава, значително треба да се растерети притисокот на онколошкото одделение на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, бидејќи дури една третина од тамошните пациенти, здравствената нега и услуга ќе продолжат да ја добиваат во болницата „8 Септември“ на високо квалитетен акцелератор од понова генерација, ваков акцелератор нема во регионот овој е од понова генерација.

Како одговорна Влада која се грижи пред сѐ за граѓаните и работи во нивен интерес, направивме се што е во наша моќ да ги обезбедиме потребните услови и дозволи и да го ставиме во функција. Токму затоа, симболиката на денешниот ден е јасна. Не случајно го избравме, Денот на независноста – 8 Септември да го презентираме овој значаен проект во истоимената болница.

Ваквите инвестиции за Владата се приоритет, бидејќи нашата цел е подигнување на услугите во здравствениот систем и инвестирање за реалните потреби на граѓаните.

Добриот начин на управување и стратешкиот пристап даваат добри и видливи резултати. Создаваат услови за квалитетни услуги на граѓаните што мора да биде најголемиот приоритет за сите носители на јавни функции.

Вложувањето во јавното здравство значат подобрени услови за работа на нашите доктори, професори и на сите здравствени работници, но пред сѐ вложување во поквалитетни здравствени услуги.

Во таа насока ја истакнувам и мојата лична благодарност за посветеноста и партнерскиот пристап на поддржувачите на инвестициите, особено во здравствениот сектор во земјава, кој во услови на пандемија беше и најранлив.

Со овие вложувања, Владата ја искажува својата цврста решеност да продолжи да инвестира во здравствениот систем, што подразбира поквалитетен живот и подолг животен век на секој граѓанин.

Инвестиции во јавното здравство значат задоволни граѓани и мотивирани здравствени работници.

Создадовме обновена, модерна и пред сѐ високо професионална Градска болница која продолжува да се развива по сите светски стандарди, професионализам и стручноста кои се вградени уште од самите почетоци на нејзиното постоење.

За нас како држава е многу важно да вложуваме во човечкиот капитал кој е предуслов за напредок и развој. Тоа е еден од аспектите на доброто владеење на кој сите ние мора да посветиме посебно внимание.

За две години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство. Реализиравме 446 нови вработувања во јавното здравство во услови на пандемија од кои 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добија статус на вработени на неопределено време.

Истовремено работевме и на зголемување на платите на медицинскиот персонал. За четири години основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25% и 15% на останатите здравствени соработници.

Само со ваков системски пристап, системско дејствување кои го опфаќаат целиот здравствен систем можеме да постигнеме успех.

Достоинствено и гордо продолжуваме да инвестираме во секој сегмент од општеството, а со тоа и во развојот на нашата држава и создавање на поквалитетни услови за живот на сите.

Нека е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста”, изјави премиерот Ковачевски.