КНИЖЕВНА ВЕЧЕР ЗА ШОПОВ И ВО ДРУШТВОТО НА СЛОВЕНЕЧКИТЕ ПИСАТЕЛИ

0
29

По повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

„Златен круг на времето“ продолжува да го привклекува интересот на словенечката културна јавност. Обемниот избор од поетското творештво на Ацо Шопов што неодамна беше објавен во Словенија и што веќе беше промовиран во Љубљана беше повод и за книжевна вечер посветена на македонскиот класик и на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ во Друштвото на словенечките писатели.

Како што беше посочено на настанот, по објавувањето на вакво значајно издание, ова е и долг кон Шопов затоа што тој, преку книжевниот превод е најзаслужниот од првата генерација македонски повоени писатели за афирмација на словенечката книжевност во Македонија, но и македонски поет за чиешто творештво има исклучително голем интерес во словенечката културна средина децении наназад.

Организацијата на собирот инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана беше и во содејство со Друштвото на словенечките книжевни преведувачи коешто го чува споменот за Шопов не само како поет, туку и како еден од најголемите не само македонски, туку и југословенски книжевни преведувачи – прв од поранешната Југославија што ја има добиено највисоката државна награда за превод и тоа за Шекспировиот „Хамлет“, за што во 1970 година словенечките медиуми известуваат како голема гордост за Македонија.

Дел од најзначајните словенечки писатели, универзитетски професори по книжевност и по лингвистика, книжевни преведувачи и музичари ја исполнија со убава енергија салата на Друштвото на словенечките писатели на собирот одржан во понеделник, 23 септември, по повод објавувањето на „Златен круг на времето“ – издание што го претставува и дијалогот на книжевноста со ликовната уметност преку делата на академскиот сликар Боге Димовски.

Притоа се забележа колку поезијата на Шопов, и преку преводот на словенечки јазик е инспирација и поттик за дијалогот со другите уметности – на собирот, антологиската, позната „Очи“ на Шопов, во препев на словенечкиот поет и преведувач Иван Минати доживеа и музичка изведба од словенечкиот поет, писател, музичар и публицист Матеј Крајнц. Шопов важи за еден од македонските книжевници чиешто творештво децении наназад е инспирација за другите форми на уметнички израз, првенствено за ликовната и за музичката уметност, но се потврдува дека тој дијалог продолжува и преку новите генерации и нема само национален, туку и меѓународен карактер, преку препевот на антологиското творештво на Шопов.

Во централниот дел на собирот се одржа разговор меѓу универзитетската професорка, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, којашто е и еден од словенечките препејувачи на поезијта на Шопов и иницијатор на објавувањето на обемниот двојазичен избор и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, којшто во Љубљана престојуваше како претставник на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ во својство на нејзин прв стипендист докторант.

Во разговорот, покрај што се опфати историската димензија на значењето на творештвото на Шопов колку за македонската, толку и за јужнословенската книжевна стварност, се отворија и прашања за предизвиците при препејувањето на песни од Шопов, при што во дискусијата се вклучи и Роли Грау, којшто заедно со Кристина Крамер го подготви и препеја обемниот двојазичен (македонски-англиски) избор објавен минатата година во САД под наслов „Долго доаѓање на огнот = The Long Coming of the Fire“, Deep Vellum Publishing, 2023.

Се говореше и за значајноста на објавувањето на прво издание на творештво на македонски класик од ваков формат што ги обединува препејувачите од различни генерации. Имено, во „Златен круг на времето“ денешните препеви на Намита Субиото, Соња Цекова Стојаноска и Маја Ковач ги дополнуваат и се надоврзуваат на препевите што во втората половина на дваесеттиот век ги објавувале Северин Шали (1911-1992), Богомил Фатур (1914-1990), Јоже Шмит (1922-2004), Иван Минати (1924-2012) и Цирил Злобец (1925-2018).

Не остана незабележан пиететот што го изразија кон Шопов потомците на неговите најстари препејувачи, кои беа присутни на настаните во Љубљана. Од петмината поети кои во минатото го препејувале Шопов, тројца беа претставени од нивните деца: Матеј Минати, Жига Шмит, Цвето Шали и сестра му Мојца Папич.

На собирот во Друштвото на словенечките писатели, за Шопов се говореше и како за обединувач на енергиите, имајќи предвид дека и преку изданието на „Златен круг на времето“ се обединија силите на повеќемина ентузијасти што работејќи без надоместок или финансиски поддржувајќи го изданието овозможија по половина век, дел од творештвото на Шопов, преку ново издание да е подостапен за словенечката читателска публика, при што веќе се случуват и првите критички одгласи за изданието.

Шопов како обединувач на позитивни енергии веќе ѝ е познат на нашата публика, особено преку одбележувањето на 100 години од неговото раѓање во УНЕСКО и во ИНАЛКО, во Париз, каде што околу неговиот лик се собраа триесетмина претставници на писателската, уметничката и универзитетската фела од целиот свет. На „Деновите на поезијата“ во Сити Мол Скопје, организирани годината по повод Светскиот ден на поезијата, 21 март, преку неговиот лик се соединија десетина историски ликови и голем број најмлади имиња од македонската поезија. Слична синергија се случи и во Друштвото на словенечките писатели, каде што беше остварена и средба со Лидија Аризанковска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, којашто е гостинка на резиденцијалната програма на Друштвото на словенечките писатели. Фокусот беше ставен на рецепцијата и интересот за словенечката книжевност во Македонија, а одделно на нејзините преведувачки искуства со творештвото на современите словенечки писатели. Меѓу нив, Андреј Блатник, словенечки писател и универзитетски професор, уредник во Цанкарјева Заложба, прочита инсерт од неговиот последен роман објавен минатата година во македонски превод на Аризанковска, „Плоштад на ослободувањето“.

Во Друштвото на словенечките писатели стана збор и за мисијата и целите на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и за можностите за натамошно содејствување не само во афирмацијата на делото на Шопов, туку и воопшто на вредностите што ја дефинираат естетската вертикала на македонската поезија, го поттикнуваат дијалогот со другите уметности и се поддршка за младите творци и истражувачи.

Како единствен ваков електронски ресурс во овој дел на Европа, а и пошироко, беше презентирана и електронската повеќејазична платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, за којашто од словенечка страна беше посочено дека и во тамошната академска средина овозможува продлабочени истражувања и од новите генерации истражувачи, имајќи предвид дека во Словенија, творештвото на Шопов е предизвик и за најновите сериозни словенечки македонисти и јужнослависти.

Покрај подадената рака за натамошна соработка со словенечките институции, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ донираше и значајни монографски публикации со кои се афирмира македонскиот збор, и тоа за библиотеката на Филозофскиот факултет во Љубљана, како и за Друштвото на словенечките писатели.

Во рамките на работната посета во Словенија, Иван Антоновски и како претставник на Фондацијата оддржа и консултативни средби со студентите на Филозофскиот факултет во Љубљана коишто веќе работат на нови истражувања за Шопов, а се очекува до крајот на годината, во препев на словенечки јазик да биде објавен и избор од антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ што беше објавен во 2023., – годината во чест на Ацо Шопов.

Во рамките на соработката на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ со словенечките институции, до крајот на годината се очекуваат уште неколку настани коишто ќе ги зајакнат македонско-словенечките книжевни и културни врски.

Фондација „Ацо Шопов – Поезија“