Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски посочи дека ситуацијата со Маркова Река е стабилизирана и дека е во постојана комуникација со колегата од Студеничани Азем Садику, но и со градоначалникот на Аеродром Дејан Митески.
Истакна дека најголемите штети биле во општина Студеничани, а во Кисела Вода, штети имаат само неколку компании и доколку се утврди дека има потреба од помош, тие секако би ја добиле.
Нагласи дека во Општина Кисела Вода се врши редовно чистење на каналите што не беше случај со Маркова река за што постои и допис од градот Скопје чија надлежност е оваа позиција.
-Каналите во Општина Кисела Вода се одржуваат, но за Маркова Река надлежни се Градот Скопје и во дел, Министерството за животна средина. На наше барање за чистење на коритото на оваа река, како не би дошло до катастрофална ситуација, добивме одговор од Градот дека немаат предвидено средства за оваа намена, за што имаме и документ. Потоа на наша иницијатива побаравме од Министерството за животна средина согласност за интервентно чистење на критичните точки, и истата ја добивме и благодарение на нејзината реализација беше спречена уште поголема катастрофа, изјави Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во дневникот на МТВ.
Претседателот на ЗЕЛС истакна дека доколку градот Скопје нема волја да си ја врши работата, тој како градоначалник и Општина Кисела Вода би ја презеле ингеренцијата за чистење на коритото на Маркова Река, во интерес на граѓаните и потенцираше дека градската администрација треба поголемо внимание да обрнува и на други точки меѓу кои е и проверката на мостот на влезот на Драчево.