Кирацовски: Административците јавно или анонимно да пријават притисоци пред изборите

0
952

Интегрално ја пренесуваме прес-конференцијата на Александар Кирацовски, дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација.

„Слободните, фер и регуларни избори се наш заеднички императив!

Сите заедно мора да направиме сè предвремените парламентарни избори закажани за 11-ти декември да го отсликаат реалното расположение на граѓаните.

За таа цел, цврсто сум решен да ги заштитам вработените во државната и во јавната администрација од притисоците, уцените, заканите што се вршат врз нив повеќе изборни циклуси досега, за лични и партиски цели.

Порачувам на секој кој има намера тоа да го прави, да не се осмели, бидејки кривично ќе одговара!

Денеска сум овде да ја најавам веб страницата: dzm-mioa.mk, како еден од чекорите што ги преземам.

Преку веб страницата, сите вие кои сте вработени во јавниот сектор, можете јавно или анонимно да пријавите проблем, злоупотреби, неправилности, нерегуларности поврзани со изборниот процес, но и да се информирате за сите прашања поврзани со вашата работа.
Ги продолжуваме и личните контакти и комуникацијата преку мојата канцеларија во Министерството за информатичко општество и администрација.

Строго ќе биде санкциониран секој кој ќе се дрзне да спроведува тесно партиски интереси преку злоупотреби на вработените“, порача Кирацовски.