КИНЕСКАТА ,,BETAVOLT” ПРЕТСТАВИ АТОМСКА БАТЕРИЈА НАМЕНЕТА ЗА ЦИВИЛНА УПОТРЕБА КОЈА МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ ДО 50 ГОДИНИ

0
296

Примената на една ваква технологија ќе има ефект на многу области, но секако нас веднаш тоа што не интересира е можноста да имаме смартфони кои никогаш нема да мора да ги полниме.

Кинеската компанија Betavolt е на чекор да го овозможи тоа, ако не наскоро, барем во наредните пет години.

Од Betavolt го најавија успешното развивање на атомска батерија која е замислена да се користи и од страна на обичните корисници. Истата има можност да функционира до 50 години без потреба од полнење или било какво одржување.

Ова е батеријата која одамна ја чекаме, па единственото прашање кое се поставува е колку е истата безбедна. Сепак се работи за атомска, односно нуклеарна енергија, но од компанијата истакнуваат дека нема никакво зрачење надвор од батеријата, а нема ни ризик од оштетување или истекување.

Батеријата од Betavolt, која ќе биде наречена BV100, функционира во комбинација на технологија за распаѓање на никел-63 нуклеарен изотоп со полуспроводник од дијамант. Изотопот се претвора во стабилен изотоп на бакар, кој не е радиоактивен и е безбеден за околината, а батеријата може да функционира на температура од -60 до 120 степени.

Овој вид на батерии функционираат преку искористување на енергијата која се ослободува при распаѓањето на нуклеарен изотоп и конвертирање на таа енергија во електрична.

BV100 е мала батерија која не обезбедува доволно енергија за користење во смартфоните, на пример. Во оваа фаза сепак се работи за пилот фаза во развојот, што значи дека само го гледаме правецот во кој се движи технологијата и што може да се очекува во иднина.

Оваа батерија е со димензии помали од паричка, односно 15 на 15 на 5 милиметри и овозможува енергија од 100mW и волтажа од 3V. Се планира претставување на верзија со 1W во 2025.

Извор : СмартПортал