Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз се сретнала со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за да го брифира за извршната наредба на претседателот на САД, Џо Бајден, за Западен Балкан.
Информацијата за средбата ја објави амбасадорката на Твитер.
-Извршната наредба е одраз на посветеноста на администрацијата на Бајден за борба против корупцијата и зајакнување на демократските институции, кои се важни приоритети и треба да бидат прифатени од сите партии во Северна Македонија за да може земјата да влезе во ЕУ и да се подобрат животите на нејзините граѓани, напиша Брнз.
ВМРО-ДПМНЕ пак испрати соопштение до јавноста за средбата во кое воопшто не споменува дека се разговарало за извршната наредба на Бајден. Информираа дека Мицкоски и кажал на Брнз за високиот степен на корупција и криминал во највисоките структури на власта.
-Мицкоски ја посочи и злоупотребата на европското знаменце како што е законот со кој се дозволува извоз на цвет од марихуана каде се штити директно бизнис интереси на врвот на власта. Тој за спорот со источниот сосед ја истакна потребата за прифаќање на резолуцијата која е во собраниска процедура и која ги содржи црвените линии во насока на заштита на идентитетот, јазикот и историјата.Мицкоски ја истакна потребата за реформи во повеќе области, како и проблемите поврзани со економијата, како што е невработеноста, растечката сиромаштија и рушење на стандардот, се вели во дел од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша Извршна наредба со која се проширува опсегот на вонредни мерки во врска со регионот на Западен Балкан, која опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.
Засега нема објавено имиња на политичари кои би се нашле на оваа црна листа, а ВМРО-ДПМНЕ, немаше конкретен став за оваа наредба.