Monday, February 17, 2025
2.8 C
Skopje

КАТНИ ГАРАЖИ ЗА КЛИНИЧКИ – РЕШЕНИЕ ЗА ПАРКИНГ ИЛИ „ЗЛАТНА КОКОШКА“ ЗА ИДНИОТ КОНЦЕСИОНЕР

Министерството за здравство ја реактуелизира темата за решавање на проблемот со недостатокот од паркинг простор на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Идејата е преку јавно-приватно партнерство да се избере концесионер за изградба на две катни гаражи и стопанисување со целиот паркинг простор на Клинички

Инвестицијата се проценува на 10 милиони евра, добивката за 20 години на 18-20 милиони евра, а државата ќе добива само 1% од годишните приходи.

Секојдневно илјадници граѓани од целата држава доаѓаат во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Многумина од нив со автомобил. Поточно, премногу.

Веќе не е прашање дали има слободно паркинг-место. Секако нема. Туку дали е искористен и последниот слободен сантиметар од улиците и тротоарите – секаде каде што може да се остави возило.

Фото: „360 степени“

„Некогаш ми се гади кога доаѓам тука само поради паркингот. Не зборувам за нешто друго. Капацитетот колку е тука, а дупло доаѓаат, не знам“, вели пациент.

Во овој хаос престојот на Клинички често се претвора во бескрајно барање паркинг и пропуштени термини за прегледи до кои и онака тешко се доаѓа.

„Еве чекам. Чекам некој да излезе за да се паркирам. Жена ми отиде на контрола, јас чекам тука“,

вели еден граѓанин.

Слободно паркинг место се чека и со часови.

„Се снајдовме по два часа. Инаку сме од Прилеп.“

360°: Два часа баравте паркинг?

„Да,“ рече жител на Прилеп.

По ваквото сведоштво, решивме самите да провериме колку време е потребно за да се најде паркинг место на Клинички. Мерењето го направивме во работен ден, околу 11 часот.

Фото: „360 степени“

Прво, се обидовме на паркингот кај Клиниката за гинекологија и акушерство. Таму едвај се разминавме со други трагачи по паркинг.

Се вози во различни насоки. Се блокираат други возила. Се паркира каде ќе се стигне. Ниту едно слободно паркинг место. Го напуштивме тој и тргнавме кон друг паркинг. По пат – хаотично. Амбулантно возило и возило на кое пишуваше „дотур на лекови“ чекаа заглавени во метежот.

Фото: „360 степени“

А заглавивме и ние во уличка за која немаше знак – забранета насока, а за разминување немаше доволно простор. Тргни, запри, врати се, појди, почекај – поминаа 12 минути.

Се обидовме и на паркингот во близина на хелиодромот. И тука се снаоѓа кој како знае и умее. Најголем метеж имаше пред местото за наплата на паркинг. Тргнавме да си заминеме и оттука, но повторно, иако немаше знак за забранета насока, како да влеговме во таква улица.

Се чека ред за наплата на паркинг / фото: „360 степени“

Паркингот кај Клиниката за инфективни болести е направен зад модуларната болница изградена за време на корона-кризата. Едвај влеговме бидејќи имаше несоодветно паркирани возила. И кога помисливме дека и тука нема надеж за слободно паркинг место, меѓу редиците паркирани возила здогледавме едно. Како да сме пронашле богатство. Конечно успешна мисија, но за колку време? Потребни ни беа 32 минути за да го најдеме единственото слободно место за паркирање на кое наидовме.

Екипата на „360 степени“ имаше доволно време да бара паркинг низ целиот Клинички центар. Состојбата ќе беше многу покомплицирана ако се работеше за пациент во тешка здравствена состојба на кој му треба лекарски преглед. Такви случаи нормално е да има многу во најголемиот клинички комплекс во државата.

На некои места се уништени и сообраќајните реквизити, а автомобилите се оставаат каде било, дури и ако тоа значи сообраќаен прекршок.

Фото: „360 степени“

На некои улички, пак, кога ќе се заглави премногу, возачите излегуваат од своите автомобили за да се договорат кој и каков маневр да направи за да поминат.

„Јас денеска дојдов со другар ми. Крводарител сум. Саат време не можеме паркинг да најдеме. Само се вртиме тука и пак не можевме да најдеме. Синот го оставив да ја мрда колата лево-десно. Навистина е претерано овде“, рече еден возач.

Некои од возачите велат дека плаќаат за паркинг, а добиваат лоша услуга.

„Мора двајца да дојдат. Едниот да седи во кола, другиот да врши преглед. Голем проблем е со паркингот. Иако го плаќаме, не можеме да се снајдеме. Чекаме некој случајно да излезе, па ние да се паркираме“, смета друг.

Возачите со кои поразговаравме / фото и колаж: „360 степени“

Дел од нив предлагаат решенија.

„Треба да се најде друго решение. Катни гаражи. Не е тоа многу голем проблем за да се реши. Само треба желба“, вели возач.

„Решението е единствено катна гаража. Друго нема. Друг начин нема зашто цела Македонија е натрупана тука“, додаде друг.

Катни гаражи се решение за кое се зборува повеќе од една деценија, од различни министри за здравство, од различни политички гарнитури. Последно, во таа насока тргна актуелното раководство во Министерството за здравство.

На 15 ноември 2024 година, Министерството објави оглас за воспоставување јавно-приватно партнерство како концесија за јавни работи и јавни услуги.

Основата за давањето на паркингот на Клинички под концесија е физибилити студија која првпат е изработена за време на министерувањето на Никола Тодоров, меѓу 2011 и 2017 година. Документот потоа е ажуриран низ годините. Според една од верзиите на документот до кои дојде „360 степени“, се предвидени две сценарија како да се реши паркингот со монтажни гаражи.

Според првото сценарио, предвидена е изградба на три катни гаражи и концесија од 20 години. Проектираната нето добивка, според цените за паркингот од 2018 година, е 20,5 милиони евра, со процената вредноста на инвестицијата од 11,7 милиони евра. Според ова сценарио, времето на поврат на инвестицијата се проценува на 8 години.

Според второто сценарио, пак, предвидена е изградба на два објекти. Во таков случај, со концесија од 15 години, во физибилити студијата е пресметано дека нето добивката ќе биде 18,7 милиони евра, со процената вредност на инвестиција од околу 5,2 милиони евра. Времето на поврат на инвестицијата се проценува на 4 години.

Според јавно достапната документација и одговорите шти ги добивме од министерството, планот е да се оди на варијантата за изградба на две монтажни катни гаражи.

Едната би била изградена на паркингот кај Клиниката за гинекологија на површина од 3 500 метри квадратни со приземје и две нивоа. Со тоа би се обезбедиле вкупно 350 паркинг места.

Втората би била на паркингот во близина на Ургентниот центар на површина од  4 932 метри квадратни, исто со приземје и две нивоа. Според плановите, таа би додала вкупно 493 паркинг места.

Местата на кои треба да се изградат катните гаражи / фото: „360 степени“

Проценките се дека Клинички, во моментов, има 1 007 паркинг места, па со плус од 843 би имало паркинг за сите.

Според условите во огласот на Министерството за здравство, чиј рок за поднесување понуди е изминат, гаражите треба да ги изгради приватниот партнер – концесионер. Тој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“. Обврска на концесионерот е и да ги проектира, изгради, управува и одржува монтажните гаражи, како и другите места за паркирање.

Но, за разлика од сценариото со две катни гаражи во физибилити студијата, концесијата е на 20, а не на 15 години. За разлика од физибилити студијата, Министерството за здравство сега проценува дека инвестицијата во двете монтажни катни гаражи би го чинела идниот концесионер 10 милиони 370 илјади евра, а не 5,2 милиони, како што било проценето во 2018.

А што од милионските добивки ќе има државата? Од министерството велат – 1% од вкупните остварените годишни приходи и средени паркиралишта.

Рокот за поднесување понуди заврши на 16 декември 2024 година. Според информациите од Министерството за здравство, постапката е во фаза на евалуација. Но, и нема многу што да се споредува бидејќи се пријавила само една компанија. Од министерството не ни го открија нејзиното име, бидејќи така налага процедурата.

Дали граѓаните конечно ќе добијат место за паркирање кога одат во Клинички? Но, и дали некој ќе добие „златна кокошка“, наместо и парите и заслугите да ги собере државата?

Извор : 360 степени.

ОВАА НЕДЕЛА

КАТАКЛИЗМА ВО СОСЕДНА ГРЦИЈА: ГРЧКИТЕ ОСТРОВИ ЗАКИНТОС И КЕФАЛОНИЈА ПЛИВААТ ВО ВОДА

Во регионот на Јонското Море, kaj грчките острови Кефалонија...

ШТИПЈАНЕЦ СЕ ОБИДЕЛ ДА СИЛУВА ПОП

Фото : Илустрација Триесет и деветгодишен штипјанец вчера во населбата...

РУМЕН РАДЕВ: НЕ ПРИФАЌАМЕ ИЗМЕНИ НА АКТУЕЛНИТЕ ДОГОВОРИ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, на средбата со претседателот...

ВУЧИЌ: ГИ РАЗБИРАМ СТУДЕНТИТЕ, НО НЕ И ПРОФЕСОРИТЕ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави вечерва дека протестите...

ЗЕЛЕНСКИ: САКАМ УКРАИНА ДА БИДЕ ПРИОРИТЕТ НА ТРАМП, А НЕ РУСИЈА, ПУТИН Е УБИЕЦ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Meet the...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ