Monday, January 20, 2025
-1.2 C
Skopje

КАТАСТРОФАЛНА АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО ЈУЖНА КОРЕЈА

Ова е авионска несреќа со најмногу жртви во Јужна Кореја и една од единаесетте најфатални во овој век во светот воопшто

Само две лица го преживеале уривањето на авион со 175 патници и шест члена на екипажот при слетување на јужнокорејскиот меѓународен аеродром Муан синоќа на полноќ според локално време.

Авионот „боинг 737-800“ на нискобуџетната локална компанија „Џеџу ер“ без отворена опрема за слетување се спуштил на аеродромската писта, удрил во ѕид и експлодирал во огромна огнена топка.

На летот „7Ц2216“од Бангкок до Муан тргнале 175 патници и шест члена на екипажот. Живи од урнатиот авион биле извлечени само двајца членови на екипажот, маж и жена, кои при слетувањето седеле до опашката.

До денеска на пладне беа пронајдени останките на 177 загинати лица. Дваесет и двајца загинати биле идентификувани според отпечатоци од прстите. Спасувачките активности речиси веднаш биле прекинати, бидејќи било јасно дека освен двајцата члена на екипажот никој не можел да ја преживее експлозијата. Спасувачи и војници со маски и заштитни облека се фокусирале на пронаоѓање и идентификација на телата на жртвите.

– Само опашката со стабилизаторите остана во едно парче. Другите делови од авионот се распрснаа и е невозможно да се препознаат – изјави противпожарниот офицер Ли Џунг-хјун.

Роднините и пријателите на патниците, скршени од болка, ги бркале репортерите што го снимале метежот на аеродромот.

– Не сме мајмуни во зоолошка. Ние сме ужалени семејства – извикал еден маж.

Ова е авионска несреќа со најмногу жртви во Јужна Кореја и една од единаесетте најфатални во овој век во светот воопшто. Повеќе од 200 жртви при уривање јужнокорејски патнички авион имало во 1997 година, но на островот Гвам.

Најмногу загинати при авионска несреќа во Јужна Кореја имало пред две години, кога 131 патник загина при уривање на авион на „Ер Чајна“, а упте 37 беа повредени. Во септември 1983 година, летот „007“ на „Кореја ерлајнс“ беше соборен од советски борбен авион откако заталкал над Сахалин на советска територија. Загинаа сите 269 луѓе во леталото.

Очевидци тврдат дека авионот се спуштал кон пистата без отворена опрема за приземјување, што е можна последица на удар во јато птици. Речиси веднаш откако Контролната кула испратила предупредување да внимаваат на јата птици, пилотите кренале тревога, но не ја навеле причината.

Некои од патниците биле свесни дека слетувањето ќе биде фатално. „Треба ли да ги кажам моите последни зборови?“, напишал еден од патниците од мобилен телефон непосредно пред уривањето. Сите патници на списокот биле Јужнокорејци, освен двајца државјани на Тајланд, објави Министерството за транспорт.

Авионот „боинг 737-800“ бил произведен во 2009 година и при контролите не биле регистрирани проблеми.

Аеродромот во Муан е еден од најмалите во Јужна Кореја, но бројот на патници на меѓународни летови годинава се зголемил на вкупно 310.702, што е за дури 20 пати повеќе во споредба со пред 12 месеци. Аеродромот ќе биде затворен додека не заврши истрагата на терен.

ОВАА НЕДЕЛА

МИЦКОСКИ : ОД АЕРОДРОМОТ ВО ВАШИНГТОН ДИРЕКТНО НА СОСТАНОК

Директно од аеродром на состанок…, во Вашингтон имав исклучително...

ТРАМП ВО ТЕКОТ НА УТРЕШНИОТ ДЕН ЌЕ ИЗДАДЕ НАРЕДБА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА TIKTOK

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави денеска дека планира...

МВР : СУЗБИЕНА ОРГАНИЗИРАНА КРИМИНАЛНА ГРУПА ЗА ТРГОВИЈА СО ДРОГА

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во...

ПРОНАЈДЕНИ МАЧЕНИ И УБИЕНИ ЦИВИЛИ, ЗАХАРОВА РЕЧЕ ДЕКА ОДГОВОРНИТЕ ЌЕ БИДАТ КАЗНЕТИ

Безмилосните злосторства на Киев врз цивилите и молкот на...

НОВИНАРСТВОТО ВО КРИЗА: ПРОФЕСИОНАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ И НИСКИ ПЛАТИ, ДАЛИ РСМ ОСТАНУВА БЕЗ МЛАДИ НОВИНАРИ?

Според истражувањето на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ