Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во објава на Фејсбук по повод 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев повика Бугарија и Северна Македонија пред Грција да го покренат прашањето за подигнување споменик на местото на неговото загинување близу селото Баница, денешна Грција.
Тој во објавата посочува и дека „додека ние се расправаме чиј е Делчев, неговиот гроб стои необележан некаде зад олтарот на црквата во уништеното село Баница“.
„Зарем не е време заедно, како братски држави, пред нашиот партнер Грција да го покренеме прашањето за поставување спомен-обележје на Гоце Делчев и таму заедно да го одбележуваме сеќавањето на него? И можеби таму во урнатините на селото Баница, каде што сè уште е духот на Гоце Делчев, ќе добиеме помирување и просветлување за тоа што всушност беше тој“, наведува Каракачанов.