КАМЧЕВ ЈА ЗАЛОЖИЛ СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА И ЗИК ПЕЛАГОНИЈА ЗА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР

0
1773

Бизнисменот Орце Камчев веќе една недела е на слобода, откако Апелација му го укина притворот и му ја прифати понудената гаранција од 11 милиони евра.

Според решението од Апелација, до кое дојде „Фокус“, за ова прашање одлучувале тројца судии и тоа Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски и Енвер Беџети. Непознато е кој од судиите како гласал, бидејќи тоа е тајна, но она што е јасно е дека двајца од тројцата судии морале да кренат рака „ЗА“, односно за укинување на притворот.

Гаранцијата, која прецизно изнесува 10.996.453 евра, се состои од подвижен и недвижен имот. Во подвижниот имот се заложени 200.000 евра во кеш, но и хартии од вредност, односно акции во сопственост на Орка Холдинг.

-Хартии од вредност-обични акции во сопственост на „Орка Холдинг“ издадени од Стопанска банка АД Битола и Хартии од вредност-обични акции во сопственост на „Орка Холдинг“ издадени од ЗК Пелагонија АД Битола, со вкупна вреддност од 2.270.724 евра, се наведува во решението на Апелација.

Останатата гаранција е во вид на недвижен имот , повеќето заведен како објакти за лесна и незагадувачка индустрија. Дел од објектите се наоѓаат во Демир Хисар, како и неколку земјишта под згради, во вредност од 1,4 илиони евра, а во сопственост на „Кара“.

Како залог е даден и сличен имот на „Кара“ во Илинден, а во вредност од 2,4 милиони евра. Потоа имот во Делчево, вреден над 2 милиони евра, па во Битола со вредност од над еден милон евра, како и неколку пасишта во Нерези, со вредност од над 1,3 милиони евра.

Во решението на судот се наведува дека гаранцијата ќе пропадне доколку обвинетиот избега или го повтори кривичното дело за кое се гони.

На Камчев му се одземени пасошите (македонскиот и бугарскиот), а исто така има обврска еднаш неделно да се пријавува во Кривичниот суд.