Калајџиев за Телма: Иванов делува како да е дрогиран, ја донел ли аболицијата доброволно?

0
741

Мора да има разрешница на случајот со одлуките за аболиција, и не е точно дека претседателот Ѓорге Иванов не може да ги повлече своите одлуки, изјави за Телма академик Владо Камбовски.

-Своите решенија Иванов може да ги поништи врз основа на член 6 од Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд, бидејќи Конвенцијата е дел од домашното судство. Ако некој граѓанин спори со државните органи, тој има право на независно судење – вели Камбовски. Тој нагласува дека и лицата кои сакаат независно судење, за да докажат своја невиност, можат да се повикаат на членот 6 од Конвенцијата, но вели, може претстедателот да најде причина за поништување и од политички аспект, да прифати дека неговите решенија немаат основа и да ги повлече одлуките.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека случајот Иванов отвора многу правни дилеми, затоа што, нагласува, во правните системи на нормалните држави не се случил ваков скандал – шеф на држава арбитрерно да донесе така голема одлука со несогледливи последици. Лицата кон кои е насочена аболицијата ако се сметаат за невини, со цел да не остане дамка во нивната кариера и животот, имаат право да бараат независно судење. Калајџиев говори за Европската конвенција.

-Со конкретните одлуки се направвени повреди на неколку одредби од Конвенцијата, пристап до судот и право на фер постапка за да се докажат наводи за криминал, врзано со правото на член 6, но има и повреди на приватноста и интегритетот на личноста од член 3, со кои се бараат ефикасни истраги на домашен план. Државата мора да ги обезбеди овие права и да обезбеди механизми да се истражат наводите, како и да се казнат сторителите, а со тоа да се создадат и услови и за во иднина за заштита на човековите права, вели Калајџиев.

Иванов повика на неказнивост на државни и политички функционери, со што нив ги постави пред граѓаните, што е неспоиво со европското право, а со објаснувањето за важноста од избортите пред кривичната одговорност, се поистовети со вулгарната филозофија на ВМРО-ДПМНЕ, дека изборите можат се` да прочистат, нагласува Калајџиев. Дали Иванов би можел случајот да го затвори со формулацијата техничка грешка, како што во минатото беше повлечена одлуката за помилување на Ламбе Арнаудов. Направени се поголем број тејнички грешки, од ставање во ист кош на луѓе кај кои е извршен само претрес или биле сведоци, па се до прибирањето на информациите по тајни канали, а не по официјален пат, вели Калајџиев.

-Тој изгледа буквално како да е дрогиран, како да не разбира што се случува, навистина изгледа се работи за нешто повеќе од стрес. Затоа би можело да се размислува дали одлуката ја донел свесно и доброволно, нагласува Калајџиев.

Можеби треба да се размисли дали е возможно да се изведе вештачење на способноста на господинот Иванов, вели Калајџиев.

Извор: Телма