Од 24 декември до 25 јануари на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15 илјади барања за корекции на високите сметки за струја. Само мал број од нив се корегирани. Неколку совети како да ги заштитите своите права
За еден месец од 24 декември до 25 јануари на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15 илјади барања за корекции на високите сметки за струја. Само мал број од нив – 2.200 (15%) е утврдено дека се основани и за нив е извршена корекција на сметките. За останатите е утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. До Регулаторната комисија за енергетика, како второстепен орган, до 28 февруари се пристигнати 345 приговори.
Според анализите на ЕВН Хоум, бројот на пристигнати поплаки од граѓаните во овој период е за 20% помал отколку во истиот период минатата година. Во Северна Македонија има вкупно 820 илјади броила. Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни.
Месечно отчитување на броилата
Но, Инженери на Република Македонија (ИНРМ) бараат Регулаторната комисија за енергетика да изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија и да воведе задолжително месечно отчитување на броилата.
Со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, РКЕ изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата.Оваа измена беше резултат на бројни поплаки од потрошувачите за паушално отчитување кое не соодветствува со реалната потрошувачка.
„РКЕ има обврска да го заштити правото на потрошувачите за фер наплата според реалната потрошувачка на електрична енергија. Отчитувањето мора да се врши месечно, како што е предвидено за сите останати категории на приклучоци во тарифниот систем за дистрибуција“, велат од ИНРМ.
Според нив, продажбата на дистрибутивната мрежа на ЕВН беше мотивирана од потребата за модернизација и инвестиции, вклучувајќи воведување на дигитални броила со автоматско и далечинско отчитување. „Ова требаше да обезбеди месечно фактурирање според реалната потрошувачка, намалување на грешките и подобрување на наплатата. Затоа, РКЕ треба да изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да воведе задолжително месечно отчитување на броилата“, е нивниот став.
– Доколку граѓаните се сомневаат дека нивните броила не се редовно отчитувани можат да ја споредат фактурата со вистинската состојба на броилото, а ЕВН е должно да реагира.
– Граѓаните имаат можност и сами да пријават состојба со отчитување на броилото и да ја пратат на меил адресата на ЕВН или да поднесат барање до ЕВН Хоум за физичко отчитување на броилото и проверка на блоковите, доколку не се во можност сами да го отчитаат броилото.
– Воедно може да побараат и доказ за отчитување. Според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното отчитување. Доколку ја нема, граѓанинот има право на ревизија.

Еднаш на три месеци или двапати годишно
Од ЕВН Хоум информираат дека околу 85% од броилата се отчитуваат секој месец.Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен. Околу 15% од броилата, во кои влегуваат непристапни во одделни рурални средини, се читаат два пати годишно.
Во период од 3 месеци, процентот на отчитани броила бил над 95%. За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка (автоматски алгоритми), каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци.
По воведувањето на блок тарифите се воведе и механизам на проверка. За потрошувачката на корисниците кои прв пат влегуваат во четвртиот блок се појавува „системска нотификација“ и секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција. Овој процес се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот. „Во ваков случај, доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се коригира“, објаснуваат надлежните.
Која е постапката за поднесување приговори?
Сите граѓани кои сметаат дека нивната сметка за потрошена електрична енергија е неточна имаат законско право да поднесат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум во рок од 8 дена. Пријавата мора да содржи број на сметка, опис на проблемот и копија од фактурата и се доставува на адресата [email protected].
Ако ЕВН не одговори во законскиот рок или граѓаните не се задоволни од одговорот, можат да се обратат до РКЕ, приложувајќи ги документите од постапката со ЕВН. „РКЕ ќе изврши независна истрага и ќе донесе обврзувачко решение“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, ЕВН е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури. Во случај на негативна одлука, граѓаните имаат право да поведат управен спор.
Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини најавуваат дека во тек се активности за активирање на современа апаратура за проверка на броилата во Бирото за метрологија со што ќе се овозможи дополнителна независна верификација и проверка на броилата, по жалба на потрошувачите.
Извор : Дојче Веле