КАКО ДА СЕ ДЕМОНТИРА РЕЖИМОТ?

0
733

За ДПМНЕ-овската доктрина на индивидуален страв и колективен национализам

Доктрината на ВМРО-ДПМНЕ на индивидуален страв и колективен национализам е комбинација од две стратегии кои во случајот со Македонија се покажаа како успешни.

Се започна 2008 година со уште еден наратив за МОЌТА НА НАРОДОТ. Народот (олицетворен во државата) беше основниот субјект кој се глорифицираше. После ова, идентитетската приказна беше само работа на технологија. Впрочем сите нации го прават тоа. Но, национализмот што притоа беше устоличен е етнички национализам (ethnic nationalism). Национализам на ексклузија и дискриминација. Национализам од понизок вид, од типот на национализмите од Источна Европа. Албанскиот дел од власта многу добро се вклопи во десничарската идеологија на ВМРО-ДПМНЕ дека во нашата група „ние сме најмоќни“ а тие што не се со нас се „против нас“.

Сепак, за разлика од другите граѓански национализми (civic nationalism) кои во Европа дизајнираа успешни модели на нации, во нашиот случај се постапува сосема спротивно на ова. Се форсира етничкиот национализам кој во случајот со Македонија создава фрустрации бидејќи не ни успева да ги „помакедончиме“ другите заедници. Граѓанскиот национализам сплотува, обединува и гради заеднички вредности поврзани со државата. Значи колективниот национализам може да биде и позитивен и негативен.

Втората стратегија на индивидуален страв започнува тивко да се креира и да се негува по партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток на доаѓањето на власт на Никола Груевски. Оваа десничарска идеологија на послушност до покорност е одлика на многу тоталитарни партии и движења. Откако на Никола Груевски му се бендиса ова, бидејќи тој по идеологија не е ниту десничар ниту левичар, оваа стратегија беше применета на сите луѓе кои имаа допирна точка со владејачката партија. Дури едно време сакаа од партијата да направат движење, малку им беше форматот на политичката партија. Тактиката на ние ви даваме а вие сте послушни, беше доведена до повисоко ниво благодарејќи на моделот на клиентелизам. Патронажата беше само уште еден слој врз сето ова. Патриотите посакаа да бидат и бизнисмени!

Но, заканите (субјективни или објективни) дека доколку не сте послушни се ќе ви биде одземено, беа точката во која се раѓаше молкот и стравот. Тука веќе владеат други закони и перцепции и односи. Ама проектот беше доведен до својот крај. Како последица на тоа се појавува структурната дискриминација кон една голема група луѓе припадници на „народот“, кој го идентификуваа со „овие не се наши“. Синтезата на овие два процеса многу пластично се гледа деновиве кога почнува да се рони „карпестата“ структура на доктрината на ВМРО-ДПМНЕ поддржана од нивниот „патриотизам“ и стравот од сиромаштијата и губењето на привилегиите и подарените работни места.

На приказната за патриотизмот беше спротивставен проектот Вистината за Македонија и со таа приказна е завршено. Но стравот кај администрацијата, илјадниците вработени од владејачката партија се уште се „негува“ ама и тој полека се распаѓа. Се потешко им оди на „патриотите“ да ги дисциплинираат уценетите гласачи.

Ако денот по утрото се познава, а тоа е вчерашниот ден, тогаш со ВМРО-ДПМНЕ е завршено. Ако не беа автобусите плоштадот во Охрид ќе беше празен. Со лагите и манипулациите помогнати од приказната за успешната држава и стравот кај вработените во јавната и државната администрација полека ќе се збогуваме деновиве.

Во говорот на Никола Груевски од Охрид се гледа сето она за што зборувам погоре. „Лидерот на партијата Никола Груевски ја обвини опозиционата партија дека спроведувала деструктивното сценарио а народот на овие избори ќе им покажел на сите што немаат поддршка од народот дека ќе изгубат. Дека опозицијата е против националните и државните интереси.“ Болна логика ама тоа ти е.

Ова повеќе не поминува. На сите им е јасно дека патриотизмот беше стратегија зад која се одвиваше грабежот на векот. Од буџетот на Република Македонија се исцицани неколку стотици милиони евра. Судските процеси ќе треба да го докажат ова.

„Народот“ прогледа и се помалку се плаши. Има голема шанса Никола Груевски на овие избори да доживее катастрофален пораз. Ако неговата партија освои 33 мандати треба да биде среќен.

Да господине Груевски! „За иднината на овој народ и оваа држава одлучуваат само овие граѓани кои живеат во оваа држава“.

Тие граѓани господине Груевски ќе гласаат за својата иднина.

Не за поделбите и за стравот!

Ќе гласаат за животот!

Проф. д-р Петар Атанасов