КАЕВСКИ : БЛОКАДИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СОБРАНИЕТО СЕ ПОРАДИ ТОА ШТО ИМ ПРОПАДНАА ЛАГИТЕ ЗА НОВО МНОЗИНСТВО И ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

0
350

Функционалноста на Собранието не е одговорност само на пратениците од владејачкото мнозинство, туку одговорност на сите пратеници, впрочем ние добиваме плата од граѓаните за да работиме, Собранието да биде сервис за граѓаните, а не да биде можност опозицијата да ги користи сите алатки и механизми за да блокира и да покаже дека одреден дел од системот не функционира, порача пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски во емисијата „Утрински брифинг“.

Осврнувајќи се на седницата за реконструкција на Владата, Каевски посочи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обидува да го пролонгира нејзиното траење, затоа што им пропаднаа најавите за ново парламентарно мнозинство.

„Поминаа десет ден дискусија за реконструкцијата на Владата, ВМРО-ДПМНЕ зборува за се и сешто само не за она што треба да се зборува. Причината е тоа што кон крајот на минатата година, нивниот претседател и најтесното раководство имаа изјави дека некаде во февруари ќе се распушти Собранието и во мај ќе има предвремени избори. Токму од тие причини одолговлекувањето е само поради тоа што нема нови избори ново парламентарно мнозинство, туку постоечкото мнозинство се зголемува. Мицкоски лично кажа дека се бројат часови и денови каде што новото парламентарно мнозинство ќе гласа за распуштање на Собранието, ќе има техничка влада и ќе се спроведат предвремени избори.

На таа лага и доаѓа крајот и токму поради тоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е обидуваат да ја пролонгираат седницата што повеќе, но таа седница за брзо ќе заврши и денеска во текот на денот се очекува да се гласа за разрешување на трите министри и веќе од утре да се почне со дискусија за именување на министри и тоа ќе заврши веќе кон крајот на следната недела“ истакна Каевски.

Каевски повика на одговорност од сите политички чинители, особено земајќи го предвид фактот што државата се уште се соочува со последиците од економската и енергетската криза и потребата од функционални институции.

„Мора да сфатиме дека се наоѓаме во економска и енергетска криза, одговорноста не само кај владата туку и кај опозицијата, мораме да покажеме дека сме единствени за интересите на граѓаните, тие се над се и пред се и нашите дневно политички активности не треба да ги ставаме над граѓаните, а токму тоа го прави опозицијата“ порача Каевски додавајќи дека една пленарна седница во Собранието, чини околу 55.000 евра кои се пари на граѓаните.