И ПОКРАЈ СИТЕ ПРОВОКАЦИИ ОД СТРАНА НА ВУЛИН, НИКОЛА ДИМИТРОВ ОТИДЕ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА СОСЕДНА СРБИЈА

0
828

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари работна посета на Република Србија, на покана на неговиот домаќин, потпретседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ.  

Во таа прилика МНР Димитров истакна: „На состанокот кажав дека имаме среќа што блискоста, врските и пријателството меѓу нашите два народи, меѓу српскиот народ и македонскиот народ е толку цврсто што повремените најдобри напори на политиката не успеваат да му направат никаква штета на тоа пријателство. 

Колку повеќе работиме, а мислам дека мене како МНР тоа и ми е работата, и за прашања за кои што немаме целосно исти ставови, имаме некои недоразбирања, важно е да бидеме блиски, да се гледаме, да комуницираме и да го зацврстиме тоа пријателство.“

На средбата соговорниците ги реафирмираа заемните заложби за одржување  континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.

Споделени беа искуствата во борбата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19, информации за епидемиолошкатите состојби во двете земји, планирани активности за натамошно ублажување на рестриктивните мерки согласно епидемиолошките препораки и можностите за нормализирање на режимот за движење меѓу двете земји. 

Во тој контекст, беше нагласена одличната досегашна соработка меѓу двете држави, како и на оперативно ниво меѓу кризните штабови на Министерствата за надворешни работи, што придонесе за репатријација и олеснето движење на граѓаните на двете земји, што резултираше со Одлука на Владата на Србија да ги отвори границите за непречен проток кон Северна Македонија.

Министрите се согласија дека континуираната конструктивна соработка во сите области од заемен интерес меѓу двете пријателски држави треба да продолжи, како и да се продлабочи во економската сфера, со можност за заеднички настап на македонските и српски компании на трети пазари.

Со посебно внимание беа разгледани темите од регионалната соработка, кои значително влијаат на безбедноста и просперитетот на нашиот регион, како во однос на евроинтегративните процеси, така и за справување со глобалните предизвици кои сите заедно нè засегаат.

Министрите се согласија дека во пресрет на претстојните потребни значајни одлуки во Регионот, се очекуваат и подеднакво значајни чекори и одлуки од Европската Унија во процесот на интеграцијата на двете држави, но и за другите земји во регионот. 

Во тој контекст, беше заклучено дека е потребно да се засили меѓусебното координирање, како и иницијативите кои ја нагласуваат регионалната соработка како заедничка сопственост, и со тоа одлучноста на Регионот за забрзано придвижување кон Европската унија.