Минатиот петок, по бојкотот, дневниот промет на маркетите се намали за речиси 50%, додека граѓаните со денешниот бојкот се надеваат дека ќе имаат уште подобар резултат од претходниот. Акцијата ја нарекоа „Црн петок за маркетите“.
Граѓаните велат дека повторно ќе биде испратена пораката за континуираното поскапување на производите, особено на основните и додаваат декаподобро е да се издржи една недела без храна, отколку да се гладува секој ден.
Дали денес ги бојкотирате маркетите? Да, јас ги бојкотирам и сите луѓе треба да ги бојкотираат. На 31 јануари бојкотиравте? Да. И целиот народ мора да бојкотира. Цените се многу високи. Владата треба да преземе нешто, но во моментов не презема ништо. Пензијата ми е 200 евра, нека дојде некој владин функционер да живее со 200 евра.
Бојкотот на маркетите кај нас почна по иницијатива на социјалните мрежи по примерот на земјите од регионот. Првиот бојкот беше на 31 јануари, а според Управата за јавни приходи, во текот на денот кога граѓаните во знак на револт го бојкотираа купувањето во супермаркетите, податоците покажаа дека осумте најголеми синџири на супермаркети во земјава имале пад на вкупниот промет од 46,59%. Министерот за економија Бесар Дурмиши вчера изјави дека Државниот пазарен инспекторат и понатаму е на терен и до крајот на неделава треба да завршат шестмесечните контроли кои ги опфаќаат дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. В понеделник се очекува Министерството за економија да соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на цените.
Извор: Алсат.МК