И ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ Е СО НАС: Владата да си замине, на опозицијата и посакувам успех и да не помисли да владее како овие досега!

0
628

На политичарите би им порачал да не го измачуваат повеќе овој напатен народ и да го остават на раат да си го живее животот и да си ја брка работата, вели Влатко Стефановски, во интервју за „Фокус“.

„Да се симнат малку од медиумите да го остават ПР–от и маркетингот и да се позанимаваат со вистинските проблеми на граѓаните. На власта би ѝ порачал дека постои и нешто што се вика морална одговорност. Да претпоставиме дека сите се чисти и невини, и дека не се огрешиле од законот, ама постојат и оставки од морални причини. По сето она што го изнаслушавме од разговорите од „бомбите“, владата требаше да поднесе колективна оставка, собранието да распише нови избори и да се заврши работата. Вака, живееме во една продолжена агонија. А аболицијата на претседателот ја доживувам како врв на хипокризија и длабока морална ерозија.

На опозицијата би ѝ посакал консолидација на силите, мудрост, ладни глави и многу среќа во остварувањето на промените во Македонија. И еден совет, да не ги користат истите методи во владеењето на власта, туку да смислат креативни начини за излегување од кризата, за решавање на проблемите и давање надеж за малку подобра иднина на граѓаните на Македонија. А за да се подобри состојбата во нашата музика, треба да се подобри целокупната состојба и животот кај нас. Каков живот, таква музика. Со сила убавина не бидува“, вели Стефановски.