ИРЛ – СРАМЕН ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА : НАЈДОБРИТЕ МИНАА ЛОШО, ЛОШИТЕ МИНАА ОДЛИЧНО

0
416

Меѓу одбраните кандидати има и такви на коишто не им пречат нападите од политичари врз Антикорупциската комисија, кандидати со судир на интереси и такви коишто на интервјуата одбивале да одговараат на прашања коишто би можеле да вознемират некој политички или економски моќник. Претставникот на цивилниот сектор во комисијата за селекција, Снежана Камиловска Трпковска цени дека најдобрите извисиле, а слабите кандидати со лоши интервјуа добиле  највисоки оценки од партиите и од Народниот правобранител. 

Известува: Сашка Цветковска; Илустрација Лука Блажев

Kомисијата за селекција на новиот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) го заврши бодувањето на кандидатите и според освоените бодови прворангирани се ревизорката Татјана Димитровска, судијката Софија Спасова Медарска, советничката за следење на корупција во јавните набавки во ДКСК Билјана Каракашова Шулев, советникот за спречување на судир на интереси во ДКСК Бесник Џемаиљи, ревизорот Зоран Богоевски, ревизорката Цвета Ристовска и Сервет Демири од ревизијата за пристапна помош за Европска Унија.

Ревизорката Татјана Димитровска ќе биде новата претседателка на Антикорупцсиката комисија. Димитровска доби максимални 100 поени од сите четворица пратеници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса. Голем број бодови дал и заменик народниот правобранител 92. За разлика од нив претставниците на граѓанскиот сектор Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов на оваа кандидатка и’ дале по 20 бодови. Татјана Димитровска е прворангирана со вкупно 532 бодови или просечни бодови 76.

Народниот правобранител Јован Андоновски одиграл клучна улога во кревањето на рејтингот на кандидатите кои минале слабо на интервју

Во Комисијата за селекција членуваа четворица пратеници, двајца претставници на цивилното општество и претставник на Канцеларијата на Народниот правобранител. Пратениците Кастриот Реџепи од Беса, Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ и Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ на своите партиски членови и фаворити им давале најмногу бодови и нивното гласање било сосема спротивно од двајцата претставници на граѓанското општество: ​​Никола Додов oд Здружението за поттикнување и промоција на информатиката и назначен за член во Советот на соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и Снежана Камиловска Трповска – претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, назначена за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор. Клучна улога во истиснувањето на независните кандидати одиграл заменик народниот правобранител Јован Андоновски. Тој им давал по сто или речиси по сто бодови на оние кандидати кои граѓанските претставници ги оцениле многу ниско, а коишто важат за лица со силен партиски грб, па така тие испливувале високо на ранг-листата.

Снежана Камиловска Трповска: Најдобрите извисија, слабите кандидати со лоши интерјвуа со највисоки оценки од партиите

Најдобрите минаа лошо, лошите минаа одлично, вака може да се сумира реакцијата на претставничката на граѓанскиот сектор во парламентарната комисија којашто ги бираше новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл“, се вели во издвоеното мислење на Камиловска Трповска коешто утрово беше испратено до Комисијата за избори и именувања во Собранието којашто треба да ја потврди оваа листа на прворангирани пред да се гласа на пленарна седница. 

Камиловска Трпковска во својот допис вели дека е јасно колку е различна перцепцијата на граѓаните од таа на партиите кога станува збор за тоа што значи добар, чесен и независен кандидат. Па така, на кандидатите со најдобри биографии и интервјуа, но без партиска поддршка, им се давани многу ниски оценки од страна на пратениците.

„Кандидатите кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови“, се вели во издвоеното мислење. 

Кои се новите антикорупционери

Бесник Џемаиљи е вработен во Антикорупциската комисија и тој е кандидиран за член на новиот состав на ДКСК. Добил максимални бодови од сите четворица пратеници. На интервјуто доби прашање да го соопшти неговиот став за отворениот напад на првиот вицепремиер Артан Груби врз актуелниот состав на ДКСК, но тој рече дека не сака да го коментира. Џемаиљи од сите пратеници доби максимални 100 бода. Снежана Камиловска-Трповска му даде 18 бода, а од Никола Додов доби 26 бода.  Со освоени 519 бодови или просечни 74,14 Џемаиљи влезе во чистата на кандидати за новиот состан на ДКСК.

Судијката во Граѓанскиот суд Софија Спасова Медарска освои доволно бодови за да биде член на Антикорупциската комисија. Максимални бодови добила од СДСМ, ДУИ и Беса. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и’ дала 50 бодови. Снежана Камиловска-Трповска од граѓанскиот сектор 40 бода, а Никола Додов 55 бода. Медарска е сопруга на адвокатот Филип Медарски, кој му беше бранител на Зоран Заев во повеќе судски предмети. Софија Спасова Медарска доби вкупно 531 бод или просечни 75,86.

Билјана Каракашова Шулев која е вработена во Антикорупциската комисија е меѓу најдобро рангираните. Таа добила по 100 поени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Беса. 95 поени од заменик народниот правобранител и 80 од пратеничката на СДСМ.  Што биле доволни да освои 520 бодови или просечни 74,28. Снежана Камиловска – Трповска и даде 50 бода, а Никола Додов ја оцени со 70 бода.

Зоран Богоевски добил максимални 100 поени од пратеничката на СДСМ Фаница Николоска и од пратеникот на ДУИ Берат Ајдари. За него 97 поени дал заменик народниот правобранител Јован Андоновски. Претставничката на граѓанскиот сектор Снежана Камиловска Трповска за овој кандидат дала само 10 поени. Зоран Богоевски има вкупно 515 поени или просек од бодови 73,57.

Цвета Ристовска која е помошник на главниот државен ревизор со добиени 494 бодови или просечни 70,57 си обезбеди место меѓу членовите на новиот состав на ДКСК. Пратениците од ДУИ, Беса и ВМРО-ДПМНЕ и дале по 100 бодиви. За разлика од нив пратеничката од СДСМ и доделила 40 бодови. Претставничката на граѓанскиот сектор на оваа кандидатка и дала само 20 бодови. Ристовска умешно го избегна прашањето дали Македонија била заробена држава за време на владеењето на Никола Груевски.

Сервет Демири кој беше меѓу седумте прворангирани и кој ќе влезе во новиот состав на ДКСК добил најмногу поени од пратеникот Кастриот Реџепи и од претставничката на граѓанскиот сектор. Тој во потесниот круг влегува со 471 бодови или 67,28 просечни бодови.

Комисијата за селекција во завршниот извештај за избраните кандидати напишала дека имаат големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и имаат јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Според нив сите дале  одлични одговори на поставените прашања.

Како гласаа пратениците 

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова дала максимални 100 поени за адвокатот Кирил Ковчегарски, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ и член на партиската комисија за правни работи, политички систем и антикорупција. Но, тој не успеа да добие доволно бодови од другите членови на комисијата.

За Борис Кондарко, актуелен член на Државната изборна комисија и со партиска припадност во СДСМ, максимални 100 бодови дала пратеничката на СДСМ Фаница Николоска. И пратеникот на ДУИ му дал 75 бодови, но немал поддршка од ВМРО-ДПМНЕ од каде добил само 11 бодови. Кондарко не успеа да добие доволно бодови за да добие петгодишен мандат во ДКСК.

Катастрофално при бодувањето поминале поранешниот судија Бодан Лазаревски со добиени 210 бодови и Маја Малахова поранешна судијка и претседателка на второстепената комисија за јавни набавки на која членовите и дале само 193 бодови.

Маријан Поњавиќ кој работи како државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител добил нула бодови од неговиот колега заменик народниот правобранител Јован Андоновски.

Пратениците не го сакаа критичарот на Пуцко Петрол и високата корупција 

Енвер Саитоски, пензиониран инспектор во МВР од Пласница, не освои доволно бодови. Тој за време на интервјуто најотворено говореше за корупцијата, за постоењето на бизнис и политички касти кои ја држат во заложништво целата држава, како и за коруптивните тендери на неговиот сограѓанин Исмаил Јахоски, сопственик на компанијата Пуцко Петрол и актуелен пратеник на ДУИ. Според бодувањето на пратениците Саитоски не бил компетентен да се бори со корупцијата. СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, БЕСА и ДУИ му дале најмалку бодови, и тоа по 40 од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, БЕСА и само 11 бодови од Берат Ајдари од ДУИ. Снежана Камиловска Трповска му дала 98 бода.

За него комисијата во завршниот извештај напишала: „Комисијата за селекција оцени дека кандидатот има средно искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има делумно јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Даде добри одговори на поставените прашања“. 

Адем Чучуљ осумнаесет години работи во Антикорупциската комисија. На интервјуто во Собранието одговори компетентно на сите прашања. Не е член на ниту една политичка партија и од пратениците доби скромен број на бодови. За разлика од нив претставничката на граѓанскиот сектор му даде максимални 100 бодови, но не беа доволни за да влезе во потесниот круг. Адем Чучуљ на крајот заврши со 424 бодови или просечни 60,75

Комисијата за избори и именувања закажа седница во петок на која ќе треба да се утврди единствена листа од вкупно седум кандидати. Потоа таа листа на седница ќе треба да ја изгласа Собранието со просто мнозинство.

Извор : ИРЛ.МК