Интервју со Емилија Зографска : “Лоши потези во ПР–от водат до неуспех на цели компании“

0
1443

Дел од публиката ја памти од вестите на МТВ и КАНАЛ 5 Тв , а веќе неколку години се грижи за ПР –от на еден од најголемите телекомуникациски оператори.  Вљубена сум во својата професија, вели Емилија Зографска, менаџер на Одделот за односи со јавност во ОНЕ за која односите со јавноста веќе не се само тренд туку потреба.

Emilija-Zografska-1

М365: Долг период сте активно присутна во комуникациската индустрија во Македонија а добитник сте и на престижната ПРО.ПР награда која се доделува за особен придонес во нејзиниот развој. Како од денешен аспект го оценувате развојот на ПР браншата кај нас во последниве 10-тина години? 

Емилија Зографска: Континуиран развој , така наједноставно можам да ја опишам состојбата со ПР от во земјава. Се работи со години , впрочем, на некој свој одреден начин ПР работи секој субјект што опстојува на пазарот.  Зошто го велам ова? Години наназад многу субјекти на пазарот работат ПР стихијно дури и незнаејќи дека воопшто го вложуваат својот труд во одредени активности кои можат да се идентификуваат со односи со јавноста. Мал е бројот на оние кои го имаат канализирано и знаат што односите со јавностa значат. Појдовната точка е едноставна: сите сакаат да го јакнат својот бренд или имиџ, дури и најмалите трговци, естрадни уметници, медиуми, глумци, институции, сите тие работат на својот имиџ, на негово подобрување, едноставно работат да се приближат на јавноста и да ја раскажат својата приказна. Во минативе 10 години се случуваше токму тоа. Освен големите компании меѓу кои е ОНЕ односно тогашниот Космофон каде функционираше одделот за односи со јавноста, ПР от и во институциите и во бизнис секторот се работеше стихијно за да во последниве неколку години добие своја рамка. Сеуште е во почетна фаза бидејќи сите субјекти треба да научат како најефикасно да ги искористат начините и каналите на комуникација за креирање и спроведување на своите политики. Она што треба да претстои е сензибилизирање на менаџерите, сопствениците на компаниите, лидерите, да ја разберат важноста од добар ПР. Лоши потези во ПР –от водат до неуспех на цели компании. Некои се одлучија за инхаус ПР тимови  и вработија ПР професионалци кои ќе комуницираат одвнатре , а не е непозната и праксата на аутсорс тимови односно ангажирање на ПР агенции кои се грижат за својот клиент. Принципот е различен , но целта е иста. Дилемата што е подобро е индивидуален став, но според моето искуство ПР тим во компанијата е неопходен дури и во услови кога за истата работи и агенција.

Одамна е дојдено времето на односите со јавноста, кои го завземаат своето место во секојдневната практика и веќе не се само тренд туку и потреба.

Во однос на практикување на односите со јавноста состојбите секојдневно се менуваат. Сосема е различно денеска во однос на периодот кога јас почнав да работам во оваа област. Во делот на соработката со медиумите на пример нема само печатени медиуми, ТВ и радио, туку се појавија и интернет порталите кои бараат моментална реакција, брза информација. Тука се и социјалните медиуми кои во еден момент со една објава можат да допринесат за молскавично ширење на информацијата.

Се на се радува фактот што ПР –от не е веќе непозната професија, што станува кристално јасно дека е и повеќе од потребна во компаниите и секако радува фактот што се повеќе луѓе сакаат да се занимаваат со работи врзани за односи со јавноста.

Горда сум на ПРО.ПР , првенствено бидејќи се работи за регионално признание кое доаѓа од експерти и професионалци во областа.

М365: Компанијата во која што во моментов работите е една од ретките во Македонија која имплементира комплетна комуникациска стратегија, која интергрира ПР, Реклами и општествена одговорност. Како успевате да воспоставите оптимален микс?

Emilija-Zografska-Dario-Pankovski-Ivona-Galic-Petkov-4

Емилија Зографска: Во хиерахијата на ОНЕ, секторите кои се занимаваат со комуникации, маркетинг и ПР имаат важна улога.  Комуникациската стратегија произлегува од претходно утврдениот бизнис и акционен план на компанијата, а секоја промоција и кампања е резултат на креативност, прво на колегите од маркетинг секторот, а потоа и на одделот за односи со јавноста каде ја креираме и комуникациската стратегија. Она што се почитува и практикува е дека односите со јавноста се долгорочен процес кој се одвива секојдневно и никако не се сведува на делување од денес за утре. Се е темелно, детално и долгорочно испланирано, а не импровизација. Правилото за работата на тимот кој е составен од врвни професионалци со долгогодишно искуство во оваа бранша е едноставен: Нема манипулација, информацијата што излегува од компанијата треба да одговори на прашањата на корисниците.

Големо внимание се посветува и на внтарешната комуникација. Покрај класичната електронска пошта во компанијата функционира и интравеб страница преку која вработените ги добиваат информациите за се што се случува во компанијата. Вработените треба да бидат информирани за случувањата во компанијата , тие се првата , а не последна целна група на односите со јавноста. Затоа за ефикасно спроведување на комуникацискиот план потребен е непречен и континуиран проток на информации и внатре во компанијата.

М365:Деновиве имавме можност да информираме дека ONE седма година по ред добива признание од Social Bakers за “социјално одговорна компанија“. Колку според Вас е важно една компанија да биде отворена во комуникацијата со својата јавност?

Емилија Зографска: Последното призание од Social Bakers е седмо во низата признанија на најголемиот сервис за мерење на учинокот на компаниите на фејсбук. Светски најпознатиот сервис за Facebook аналитика, компанијата Socialbakers, седми пат по ред го додели сертификатот за “социјално посветена” компанија на ОНЕ. Во првите три месеци од 2015 година, ОNЕ во рекордно време одговорил дури на 94% од сите поставени прашања, коментари и објави на Facebook.

Ние во ОНЕ посветуваме големо внимание на комуникацијата на социјални медиуми, а за таа цел во компанијата функционираат тимови кои посветено работат на сите социјални медиуми на кои ОНЕ има свои профили. За нас социјалните медиуми се  канал за комуникација со нашите корисници еднакво значаен како и сите останати формални канали во компанијата. Со ваквата пракса ние сме поблиску до корисниците, а тие се поблиску до нас.

Првата награда за “социјално посветена” компанија од Socialbakers ОНЕ ја доби уште во 2012-та година како прва и едниствена компанија од Македонија.

Профилите на ОНЕ и Џабест имаат огромен број следбеници  што е дополнителен мотив за компанијата да ја продолжи комуникацијата со своите фанови според највисоките стандарди на социјалните медиуми.

Emilija-Zografska-2

М365: Долги години сте во врвот на најуспешните деловни луѓе во Македонија а од пред неколку години сте и носител на лауреатот “Најуспешна жена менаџер“. Кој е Вашиот најголем мотив секој ден да продолжите со силното темпо на работа?

Емилија Зографска: Најголемиот мотив е предизвикот што го носи професијата. Секој ден е различен од претходниот и бара максимална посветеност. Мотив се и луѓето со кои работам. Тимот на ОНЕ, иако мал е многу функционален и креативен: ветеранот во професијата, ПР експертот Ивона Галиќ Петков со повеќе од 10 години искуство и Дарио Панковски, специјалистот за организирање на настани.  Оваа професија бара широко образование и постојано усовршување и секако одредени способности: креативност, иновативност, комуникативност. Со ПР не може да се занимава некој што по природа е затворена личност, што не сака да комуницира, а уште помалку некој што не е подготвен на жртва за целодневно работење.

Извор : Маркетинг365