ИНТЕРВЈУ СО ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА ЗА АЛ ЏАЗИРА БАЛКАН : ЗА УСПЕШНО СПРАВУВАЊЕ СО КОРУПЦИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТАТ СИТЕ РЕГИОНАЛНИ МЕХАНИЗМИ

0
169
„Нашиот регион е систем на врзани садови и не можеме да имаме успех во антикорупциските прашања и борбата со организираниот криминал само на локално, национално ниво, заради тоа што криминалците се прилично добро вмрежени и поврзани“- истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во интервју за емисијата „Recite Al Jazeeri“ на Ал Џазира Балкан, посветено на состојбата со корупцијата во земјава и регионот и регионалната соработка на ова поле.
Вицепремиерката Грковска ја истакна Регионалната антикорупциска иницијатива- RAI, како една од суштинските платформи за регионално зајакнување во справувањето со корупцијата. Покрај активностите кои се спроведуваат во партнерство со  РАИ, поврзани со регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии, Грковска ја нагласи и поддршката од РАИ, UN Women и UNODC за основањето на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција. Оваа регионална иницијатива, покрената од вицепремиерката Грковска, е посветена на градење мрежа за взаемна поддршка на жените од регионот, кои се вклучени во антикорупциските напори и кои поради тоа се соочуваат со напади, етикетирања и дезинформации на родова основа.
Поаѓајќи од заедничкото историско минато на земјите од регионот и сличностите во менталитетот, вицепремиерката истакна дека за успех во справувањето со корупцијата и организираниот криминал треба да се користат сите расположливи механизми и во таа насока го најави формирањето на Регионална академија за добро управување, со седиште во Скопје.
Во интервјуто за Ал Џазира Балкан, Грковска се осврна на активностите на Кабинетот за политики за добро владеење, со чие формирање Владата покажа колку е важно да се посвети внимание на јакнење на интегритетот на функционерите. Таа го истакна и големиот успех на Владата во поглед на унапредувањето на транспарентноста на институциите во изминатиот период, истакнувајќи дека транспарентноста е една од најдобрите алатки за да се зголеми довербата во институциите.
Во поглед, пак, на ниската доверба во правосудниот систем, вицепремиерката Грковска истакна дека самите обвинители и судии мора да се изборат за својата независност и да не се солидаризираат со колегите кои ја создаваат перцепцијата за неправичност и двојни аршини во постапувањето.
„Вистинската храброст е да се држите точно до законот и да постапувате непристрасно кога станува збор за коруптивни случаи од високата политика и бизнисот“- истакна Грковска во интервју за Ал Џазира Балкан.