Интервју на ГОЛ.МК со ракометната легенда Томе Петрески : ГРК Тиквеш е сериозен проект, ќе доведеме уште едно-две засилувања

0
120

На Балканот сигурно не постои вака активен преоден рок како овој во македонскиот ракомет. Сите клубови, па дури и новите суперлигаши програмираат, се засилуваат и уште отсега се подготвуваат за неизвесниот шампионат во сезоната 2020/21. Сигурно најактивен од клубовите кои се промовираа во елитата е ГРК Тиквеш, клуб кој по долга пауза пак ќе игра во најсилната категорија.

Македонската легенда и стрелец на првиот гол на националниот тим, Томе Петрески од неодамна е тренер на екипата и веќе има само пофалби за новиот проект.

„Наидов на добро организиран клуб, управа која знае што сака и која веќе го дефинира буџетот за следната сезона. Тоа посебно ме радува, бидејќи тоа е појдовна точка за добар нов проект. Имаме одлична база од минатата сезона, доведовме три засилувања, а ги обновивме договорите и со најдобрите ракометари од сезоната 2019/20“, ни рече прилепчанецот.

Преодниот рок уште не е завршен и ГРК Тиквеш најави доведување на уште едно-две засилувања за комплетирање на ростерот.

„Во преговори сме со уште неколку ракометари и наскоро ќе го комплетираме ростерот. Верувам дека нашата екипа ќе биде компетитивна, дека ќе ја вратиме публиката и дека ќе бидеме „трн в око“ за секој противник во Суперлигата. Имаме одлични услови во Кавадарци, уште повеќе ќе напредуваме и нема тука да застанеме. Оптимист сум дека пред нас е позитивна сезона“, рече за Gol.mk, Томе Петрески.

Планот на подготовки ќе биде познат наскоро, но многу веројатно ГРК Тиквеш од средината на јули ќе започне да го подготвува тимот за Суперлигата.