Американскиот амбасадор Џес Бејли попладнево соопшти дека четирите партии потписнички на договорот од Пржино денеска успеале да дојдат до решение. Сто дена пред предвремените парламентарни избори ќе има техничка влада, а веројатно ќе се суспендира новиот закон за министерството за внатрешни работи.
Новиот министер за внатрешни работи ќе може да смени одреден број луѓе од раководни позиции.
Што се однесува до одредување на датумот за изборите, партиите ќе треба да го договорат до 31 август, а се шплекулира со 11 декември.
Веста за постигнатиот договор пред новинарите ја соопшти американскиот амбасадор Џес Бејли, кој учествуваше во преговарачкиот процес.
– Се надеваме дека со овој договор ќе се постави патот до изборите прифатени од сите страни – порача Бејли.