ИМАМЕ ВРВНИ ЛЕКАРИ И ОПРЕМА, НЕМАМЕ СИСТЕМ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ КОЈ СЕ СООЧИЛ СО ЧЕКАЊЕ ДИЈАГНОСТИКА ЗА БЛИЗОК ЧЛЕН НА СЕМЕЈСТВОТО БОЛЕН ОД РАК

0
647

Болницата доби две томографски магнетни резонанци и ултразвучен апарат преку Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор, со кредитна поддршка од Италија. На новинарски прашања дали е во ред пациенти со месеци да чекаат за термини за снимање, Ковачевски го сподели личното искуство:

„ Знаете, низ тоа лично искуство, ќе сфатите неколку работи. Прво дека тие кои се задолжени за управување со системот треба да работат на унапредување на системот, на негово забрзување и зголемување на ефикасноста, перформансите. Но, научив и друга работа, а тоа дека во државата имаме врвни доктори кои се на ниво на доктори од Австрија, САД… Второ дека имаме опрема која е на врвно ниво, навистина софистицирана опрема и ова го кажувам од лично искуство. На нас ни фали воспоставување систем кој ќе работи за граѓаните и пружање услуги“, кажа премиерот.

Новинарите побараа одговор и од министерот за здравство Беким Сали за деценискиот проблем за немање термини за прегледи во институциите, а тој најави измени после Нова година.

„Промовирам рационализација и регионализација на услуги. Денес пациенти од сите градови патуваат во Скопје за да добијат една здравствна услуга. Меѓутоа, таа приказна ќе ја имаме до крај на годината. Од јануари нема да разговараме дали мамографија има во Неготино, дали ќе се снима во Скопје, дали може да добијат услуга во Штип. Потпишан е договорот со изведувачи на инсталација на најсовремена опрема во најмалку 12 јавни здравствени установи, почнувајќи од мамографија и дигитални рендген апарати, компјутерски томографи. Повремено имаме дефекти на застарена опрема, односно на амортизирана опрема која што за жал заради истрајноста не може да се сервисира навремено и тие периоди, гапови од два-три месеци за сервисирање ни ја пореметува листата на пациенти. Но, сето тоа ќе биде решено по Нова година.

Распределбата на опремата ја правиме на основа на имање на кадар и потенцијал за давање на таа услуга. Искуството со купена опрема и држена со години по магацини веќе нема да се повтори. Ние сме внимателни, купената опрема е веднаш инсталирана и пуштена во употреба“, најави Сали.