„Денеска (25.01.2025) околу 12:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека кај кружниот тек во с. Сопиште, скопско, настанал пожар во автобус на ЈСП во движење. Притоа, едно лице вдишило чад и на местото му е укажана помош од екипа на Итна медицинска помош, а други повредени лица нема. На местото излегла екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје“, информираат од Скопската полиција.
Поради настанот, сообраќајот на патот Припор – Сопиште е во прекин, најверојатно поради увидот што треба да го извршат истражните органи за утврдување на причините за пожарот.
Ова не е првпат да избувне пожар во автобус на ЈСП. Лани тоа се случи во скопски Бутел, а имаше пожар и во автобус кој беше паркиран под Железничката станица. Друг автобус на ЈСП со број 2 заврши на бетонските жардиниери во близина на ТЦ „Мавровка“. Тогаш дојде обвинување од возачот дека воланот му се закочил и не можел да го исконтролира автобусот.