ИЗБРАНА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА ПРЕДВОДЕНА ОД ТАЛАТ ЏАФЕРИ

0
547

Со 65 гласа „за“ и тројца „против“ македонското Собрание ја изгласа техничката влада предводена од Талат Џафери. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за избор на новата влада.

Досегашниот парламентарен спикер од редовите на ДУИ, Талат Џафери ќе ја предводи техничката влада до парламентарните изборите закажани за 8 мај годинава.

„За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна Влада. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија”, рече во експозето пред пратениците мандатарот на техничката Влада Талат Џафери.

Приоритет на преодната Влада е одржување на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, рече Џафери и додаде дека неговата Влада ќе ги продолжи усвоените политики на претходната Влада на Димитар Ковачевски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала пред гласањето за избор на владата на Џафери. За новата влада не гласаше ниту пратеникот Мирослав Јовановиќ од српската партија ССМ која е дел од владејачката коалиција на СДСМ.

Претходно, пратеникот Антонио Милошоски порача дека не треба да се очекува од Талат Џафери „да биде подобар“ од неговиот претходник и „да работи за успешна и напредна држава Република Македонија“.

„СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ заради коруптивни погоди денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“, рече Милошоски.

Ротации во владата

Владејачките СДСМ и ДУИ ги ротираа функциите на досегашните вицепремиери па така, прв вицепремиер на Владата и вицепремиер за европски прашања ќе биде Бојан Маричиќ, на местото на Артан Груби кој останува министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Панче Тошковски како министер за внатрешни работи, и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика, се предлози на ВМРО-ДПМНЕ.

Јован Митрески Талат Џафери Собрание
Новиот собраниски спикер Јован Митрески и новиот премиер Талат Џафери во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

На досегашните функции остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.

СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.