Иванов пред избор: оставка или повлекување на аболицијата?

0
502

Две шпекулации се вртат во јавноста: една – дека претседателот Иванов сепак ќе ја повлече одлуката за аболиција, и втора – дека тој ќе поднесе оставка за да ја бетонира и аболицијата и изборите на 5-ти јуни, пишува Дојче веле.

Во недостиг на официјални информации, на најчесто поставуваното прашање – ќе се одржат ли избори на 5-ти јуни, со оглед дека во нив нема да учествуваат голем број опозициски и новоформирани партии, засега циркулираат исклучиво шпекулации. Сите тие се поврзани со потегот на претседателот Иванов – дали тој ќе ја повлече одлуката за аболиција или не.

Според една шпекулација, можно е претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција поради проценката дека таа не го постигнала очекуваниот ефект – окончување на кризата и меѓусебно помирување. Но пред се, нејзиното повлекување би имало за цел да ги спречи најавените меѓународни санкции кои, ако бидат персонализирани, односно насочени кон конкретни политичари од власта, тогаш тие целосно би ги поништиле нивните изборни, односно политички предности што помилувањето требаше да им го обезбеди на аболираните – да влезат во изборен натпревар, „чисти“ и релаксирани од опасноста за кривичен прогон.

Дилемите околу ова, засега се врзани исклучиво со прашањето – дали тие санкции би биле изречени пред изборите или потоа. Ако стигнат пред изборите, драматично ќе се изгуби ефектот од аболицијата за некои од учесниците во изборниот процес. Ако санкциите стигнат по изборите, се смета дека има големи шанси изборно да се обели образот на ДПМНЕ.

Второ сценарио

И додека во јавноста растат очекувањата претседателот Иванов да ја поништи аболицијата, без разлика на мотивите од кои ќе се води при таквата одлука, деновиве флуктира уште една шпекулација, која е сосема спротивна на таквите очекувања. Имено, од политичките кулоари се шири шпекулација дека е можно Иванов да приреди големо изненадување: да поднесе оставка на претседателската функција! Таа оставка би била темпирана да се случи 40 дена пред изборите закажани за 5-ти јуни, бидејќи тоа е законскиот рок во кој мора да се спроведат предвремени претседателски избори. Според календарот, во таков случај, Иванов би требало оставката да ја поднесе најдоцна утре, на 26-ти април, бидејќи од тој датум до 5-ти јуни остануваат точно 40 дена за да се организираат избори за претседател. Со тоа, наводно се очекувало изборите на 5-ти јуни да бидат „двојно бетонирани“, односно да ги мобилизираат сите партии за учество во избори, со аргументација дека земјата не може да остане без претседател во време на политичка криза.

Во ВМРО-ДПМНЕ се воздржани и не сакаат да ги коментираат овие шпекулации. Од останатите три партии потписнички на пржинскиот договор некои велат дека не слушнале за ова сценарио, но и дека „веќе ништо не може да ги изненади“. Други слушнале за ваквите размислувања, но не го гледаат ефектот за власта од таква „целосно нерационална одлука“.

Целата анализа прочитајте ја на Дојче веле на следниот линк.