ЗОШТО ,,НЕТФЛИКС” ГУБИ ПРЕТПЛАТНИЦИ?

0
324

Во првиот квартал од годинава „Нетфликс“ изгубил 200.000 претплатници на глобално ниво. Се предвидува дека може да изгуби дополнителни два милиона корисници во вториот квартал.

Ова е првпат како популарната платформа губи претплатници во последните 10 години. Ова му се случува на „Нетфликс“ во период на мегапопуларни серии и филмови како „Бриџертон 2“, „Проект Адам“ и „Не гледај нагоре“.

Која е причината за губењето претплатници?

Постојат повеќе фактори што може да играат улога, пишува „Слободна Далмација“. „Нетфликс“ забележал големи загуби во Русија, каде што платформата престана да нуди услуги поради војната во Украина.

Фото: Pixabay

Освен тоа, иако на платформата се претплатени 222 милиона домаќинства, дополнителни 100 милиони домаќинства користат туѓи лозинки. „Нетфликс“ претходно најави дека размислува за воведување нови цени и пакети за да го реши овој проблем.

Важен фактор е и растечката конкуренција со оглед на тоа што постојат многу други платформи како „Ејч-би-о макс“, „Епл ТВ+“, „Дизни +“, „Амазон прајм видео“, „Хулу“ и други.

Освен тоа, завршувањето на пандемијата игра улога. „Нетфликс“ забележа пораст за време на пандемијата, кога сите беа дома, а кината беа затворени. Но сега луѓето се враќаат во кината. Многу филмски студија го прифатија моделот со кој насловите се пуштаат само во кината одреден период, а потоа се достапни и на онлајн платформите.


Фото: Pixabay

Можен фактор за губењето претплатници е и инсистирањето на „Нетфликс“ за гледање повеќе епизоди одеднаш, додека конкурентите објавуваат една или две епизоди неделно. „Нетфликс“ веќе работи на промена на овој модел бидејќи објави некои серии во повеќе делови.

Конечно, можен фактор е и квантитетот, кој секогаш не оди рака под рака со квалитетот. Корисниците се вклучуваат и не може да се одлучат што да гледаат, а кога ќе се одлучат, може и да се разочараат.

Додека „Нетфликс“ работи на анализа на своите проблеми, истовремено планира и објавување на некои долго очекувани наслови како „Сивиот човек“ и новата сезона на „Почудни нешта“.

Извор : Факултети.МК и Slobodna Dalmacija
Насловна фотографија: Pixabay